ОВА ОТКРИТИЕ НА АСТРОНОМИТЕ ЗАСЛУЖУВА ДВЕ НОБЕЛОВИ НАГРАДИ

Астрономите првпат успеале да фатат сигнал од првите ѕвезди во универзумот, а можеби успеале и да го потврдат постоењето на мистериозната темна материја..

Студијата беше објавена пред два дена во списанието „Nature“, а водечкиот автор Џад Бауман од Државниот универзитет во Аризона истакна дека сигналот потекнува од првите објекти во универзумот, од периодот кога тој никнувал од темнината, 180 милиони години по Големата експлозија, наведува „Associated Press“.

Сигналот покажал неочекувано ниски температури и необично изразен бран. Кога астрономите се обиделе да го сфатат тоа, најдоброто објаснување било дека неразбирливата темна материја можеби ги „вмешала прстите“.

Ако се докаже ова откритие, тоа ќе биде првата своевидна потврда за постоење на темна материја, значаен дел од универзумот по кој научниците со години трагаат.

Астрономот Ави Лоеб од Универзитетот „Харвард“, кој не учествувал во проектот, истакнал дека ова откритие, доколку се потврди, заслужува две Нобелови награди, но додал дека за потврдата неопходно е да се извршат и независни тестирања.

Бауман се согласил дека се потребни такви тестирања, иако неговиот тим во текот на двегодишното работење два или трипати правел проверка на наодите.

„Се работи за времето (во историјата) на универзумот за кое буквално ништо не знаеме“, навел Бауман и додал дека ова откритие е како „прва реченица“ во првото поглавје во историјата на вселената.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top