Овој народ е поделен сосема и до крај

Фејсбук статус на Јани Бојаџи.

Гледам, читам, слушам и не ми се верува како новинари, експерти, професори, аналитичари и други јавни личности фралат `со дрвја и камења`` на ракометарот Стоилов и навивачите и симпатизерите на Вардар нарекувајќи ги националисти, шовинисти, примитивци и многу други пежоративни работи!? 

Не ми се верува незнењето кое го продаваат како општествена вредност која сите ние треба да ја купиме за суво злато? 

Драги мои, па што мислевте дека ќе се случи? 

Што мислевте дека ќе се случува кога на огромното мнозинство на граѓани спротивно на правото но и здравиот разум ќе им го редуцирате - ограничите правото да го изразуваат својот идентитет?! 

Што очекувате да се случи кога правото на самоопределување и самоидентификација е спречено да се изразува во институциите на државата?! 

Што очекувате да се случи кога е ограничено а некаде и забрането јавно, усно и писмено да се определувате дека сте припадник на определена заедница или група а во овој случај на одреден народ? 

А тоа до вчера било можно низ системот на образование, јавно и непречено, во медиумите, во уметноста и секако во спортот. 

Не знам како не разбирате дека огромен дел од народот кои себе си се идентификуваат како Македонци по род немаат идентификација со оваа држава? Не знам како не разбирате дека тие се чувствуваат стигматизирано во земјата во која се родиле и во која живеат? 

Не знам од каде таа потреба да не го прифаќате тоа што е секому јасно. 

Овој народ е поделен сосема и до крај. И во се. 

Не знам и не гледам како ова ќе го решавате во иднина? 

Но гледам како го решавате проблемот – сега! Таканаречените ``слободномислечки интелектуалци`` треба да пишуваат по медиуми и јавно да ги навредуваат оние кои не мислат како нив со флоскулите: простаци, примитивци, националисти и шовинисти! 

Ете, да речеме дека тие навистина се тоа што вие мислите дека се: простаци, примитивци, националисти и шовинисти? 

Ете да речеме дека тоа со време, доколку доволно долго и упорно го повторувате ќе можете да го докажете и научно, па дури и да го озаконите како такво и да стане казниво. 

Мислите ли вие: кремот, најдоброто, најобразованото од црвената буржуазија дека простаците, примитивците, националистите и шовинистите ќе ги промените нарекувајќи ги простаци, примитивци, националисти и шовинисти ?! Многу учено...? Чаре? Не знам.

А и тоа што го знеме до сега од историјата не е лесно за решавање. 

Видете ја Британија со Ирска и Шкотска, Шпанија со Баскија и Каталонија, Белгија со Валонија и Фландрија? Да Драги мои, направивте ``перпетум мобиле``. 

Во лабораторија произведовте чудовиште кое може да се храни и одржува од самото себе си. 

Го истеравте од институциите на државата и го пуштивте на улица, по арените и стадионите! 

Бркајте го сега со полиции и пендреци! Од пештерата на историјата го разбудивте заспаниот Змеј кој се движи од енергијата на огинот што го фрла од сопствената уста! И сега? 

Требаше да мислите кога се кантардисувавте на ова работа. 

Сега е доцна. Сега ќе ви остане само оној рефрен од онаа песна: ``што мислеше, кога се онадеше`` која навивачите на Вардар може да ви ја скандираат вечерва или некоја друга вечер со некоја друга титула. Во ракомет или во некој друг спорт! Сеедно.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top