Падна договор, се е решено: Првата трансфер „бомба“ летово ќе чини 115 милиони евра!

Се е готово, се чека крајот на сезоната, поточно финалето од Лигата на Европа помеѓу Атлетико Мадрид и Марсеј..

Епилогот е јасен. Иако во Атлетико се закануваа дека ќе ја пријават Барселона во ФИФА поради преговори со играч кој има откупна клаузула, но и договор, тие знаат дека Гризман, поточно неговата сестра која му стана и менаџер, разговарала и со останатите клубови.

На Барселона и е од интерес се да се заврши брзо. Имено, тие не сакаат да се одолжи целата работа до 1. јули, поради што клаузулата се зголемува на 200.000.000 евра, или евентуално уште некој клуб да ја плати клаузулата, иако тоа не би променило ништо, бидејќи Гризман даде збор, а уште зимоска, иако Атлетико го демантира тоа, рекол дека ќе се пресели во Барселона.

Со цел да нема зла крв, сценариото е следно: Нема да биде платена клаузулата, туку преку бонуси ќе се реализира нормален трансфер во висина од 115 милиони евра. Атлетико ќе добие повеќе пари, а нивната обврска е да прифатат веднаш по крајот на сезоната.

Се очекува Гризман по финалето во ЛЕ, со надеж дека тоа ќе биде со трофејот од ова натпреварување, да одржи прес-конференција за своето заминување во Барселона и да биде претставен пред навивачите, бидејќи селекторот Дешамп бара судбината на сите играчи да биде решена пред Мундијалот, а по завршување на истиот Гризман ќе добие и продолжен одмор.

Во една ваква ситуација, Атлетико не само што ќе добие поголема сума на пари, туку ќе може и веднаш да тргне во потрага за замена, без разлика дали тоа ќе биде Агуеро или Дибала кои се споменуваат како „бомби“, или да ја плати клаузулата за напаѓачот на Еспањол, Жерар Морено.

Атлетико и Барселона конечно до крајот на следната недела би можеле да прецизираат и да го објават договорот, тврди каталонски „Спорт“, со што извесно е веќе дека го имаме првиот голем трансфер на летото.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top