Панчевски предупредувал лица дека се обвинети во предмети на СЈО

Предистражната постапка на Специјалното јавно обвинителство против поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски е во тек и засега остануваат сомневањата за оддавање службена тајна и злоупотреба на компјутерскиот систем.

Од она што го дознаваме од Кривичниот суд се работи за злоупотреба со податоци од АКМИС системот, кој Панчевски можел да го контролира и од домашниот компјутер. За некои од случаите на СЈО, Панчевски ги предупредувал обвинетите и сведоците за можно водење на истрага против нив.

По завршувањето на претресот во канцеларии на Кривичниот суд и на домовите на тројца осомничени во предистражната постапка за сомневање за злоупотреба на компјутерскиот систем во судот, специјалната обвинутелка Катица Јанева изјави дека со личниот претрес кај лицето Владимир Панчевски и со друга наредба од судот се одземени сите податоци од компјутерскиот систем за распоредување на предмети во Основниот суд Скопје 1.

Панчевски се сомничи за издавање службени податоци на други лица во јавноста поврзани со истраги на СЈО. Прашањето е како се случувало доказите со кои располагале обвинителите на СЈО да бидат достапни и за обвинетите и за сведоците.

Предистражните дејства за овој случај можно е да бидат проширени и на повеќе судии, велат наши извори од Основниот суд Скопје 1. Вработените во судот велат дека имало најмалку десетина судии кои биле блиски соработници на Панчевски. Поранешниот прв човек на судот имаше обичај често да го менува распоредот на судиите. Тој тоа го објаснуваше со зголемен број на предмети за што било неопходно и да се прави прераспределба.

Истражителите на СЈО за местењето предмети и за оддавање службена тајна извршиле претрес и во домот на Панчевски и во домовите на двајца информатичари вработени во судот.

ТВ Алфа вчера објави снимка од претресот во домот на Панчевски, кој вели дека во неговиот дом било влезено насилно и незаконски и дека едно од службените лица му го украл клучот за што пријавил во полиција и најавува кривични пријави.

Според докумнентите што ги доставил Панчевски до ТВ Телма може да се види дека претресот во домот на Панчевски е поврзан со предистражната постапка што ја води СЈО за бизнисменот Љупчо Палевски.

За Панчевски сомнително е и тоа дека наредбата за претрес на неговиот дом била издадена од гевгелискиот суд. За СЈО тука нема ништо спорно и дека е тоа согласно правото и судската практика на Судот за човекови права во Стразбур.

Од СЈО информираат дека се води предистржана постапка за три кривични дела.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top