Павлопулос: Уставни промени за поддршка за НАТО и ЕУ

Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос уште еднаш истакна дека само кога Скопје ќе заврши со уставните промени, може да се приклучи во НАТО или да започне преговори со ЕУ..

Павлопулос наведе дека штом Скопје го комплетира овој процес, Преспанскиот договор ќе оди на ратификација во Атинскиот парламент.

„Решавањето на прашањето за името треба да биде во согласност со историјата и меѓународното право. За да се случи тоа, како што јасно наведоа и го прифатија ЕУ и НАТО, соседната земја треба да ги направи потребните промени во правниот систем, особено во Уставот. Само кога ќе заврши целиот процес и штом се потврди дека уставните измени ги содржат сите гаранции, тогаш може да имаат покана за членство во НАТО и почеток на преговорите за членство во ЕУ. Исто така, само тогаш може да се финализира содржината на Договорот меѓу Грција и ПЈРМ и може да се ратификува во грчкиот Парламент“, рече Павлопулос.

Германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер, кој е во Атина, по средбата со Павлопулос и премиерот Алексис Ципрас, рече дека договорот од преспа бил храбар чекор, но изрази жалење што исходот од референдумот не обезбедил конечно решение.

„Дојдов тука за да ја искажам мојата почит кон храбрите напори што ги направивте за да имате договор со ПЈРМ, со соседната земја и многу ми е жал што резултатот од референдумот не даде конечно решение. Повеќето од оние кои гласаа за овој договор го поддржаа, но тоа мнозинство не беше доволно. Се надевам дека вложените напори нема да пропаднат“, изјави Франк Валтер Штајнмаер, Претседател на Германија

Но, премиерот Ципрас наведе дека Преспанскиот договор има голема важност и се дистанцираше од предлогот на коалицискиот партнер Панос Каменос за нов регионален договор.

„Верувам дека овој договор е модел на разбирање меѓу двата народа кои сакаат да живеат во мир, без потценување на меѓусебната историја и идентитет. Тоа е храбар чекор кој придонесува за стабилноста на Балканот, но и пошироко“, рече Ципрас.

Лидерот на партијата “Независни Грци”, Панос Каменос, кој е министер за одбрана, цело време е противник на Преспанскиот договор, а вчера во Вашингтон на средба со потсекретарот за европски прашања Вес Мичел предложи да се потпише договор со соседните земји. Тој договор, според Каменос, би послужил како бариера на руското влијание. Тој додаде и дека на тој начин би се гарантирала стабилноста на Македонија, а прашањето за името меѓу Скопје и Атина би се одложило за решавање за некогаш во иднина.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top