Пендаровски напладне ќе положи заклетва во Собранието и заминува во Вила Водно

Претседателите на Србија, Бугарија, Албанија и Косово го потврдија своето присуство на инаугурацијата на Стево Пендаровски кој од утре формално ќе ја преземе функцијата претседател на Република Северна Македонија..

Александар Вучиќ, Румен Радев, Илир Мета и Хашим Тачи ќе ја следат инаугурацијата во Собранието,на која ќе присуствуваат и претставници од уште неколку земји од регионот и Европа.

Присуството, како што велат од собраниската прес-служба, го потврдиле и министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Катроугалос, државниот потсекретар во МНР на Република Полска, Пјотр Вавжик, висок претставник од кабинетот на словенечкиот претседател Борут Пахор, како и турскиот заменик министер за надворешни работи, Фарук Кајмакчи.

На инаугурацијата ќе присуствуваат и претставници од дипломатскиот кор.

Пендаровски напладне ќе даде свечена изјава во Собранието, а потоа ќе замине во претседателската вила на Водно. Според најавите, во 13.45 часот ќе се одржи официјална церемонија на примопредавање на функцијата Претседател со највисоки воени и државни почести, а по свечената церемонија Иванов и Пендаровски да одржат тет-а-тет средба, по што ќе следува и заедничка средба на двајцата претседатели со вработените во Кабинетот на претседателот.

Исто така, предвидени се и билатерални средби на Пендаровски со Радев, Вучиќ, Мета и со Тачи.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top