Пендаровски: „Рекет“е круцијален тест за системот на правната држава

Случајот „Рекет“ е круцијален тест за системот на правната држава и затоа, треба да се реши темелно, до крај, изјави Пендаровски.

„Во изминативе 28 години откако сме независна држава, има еден поразителен факт што не зборува во прилог на тезата дека успеавме да изградиме правна држава врз цврсти фундаменти. Тоа е дека имаме многу малку пресудени случаи за висока корупција и изречени соодветни санкции, а сите знаеме дека такви злоупотреби имало многу. Овој факт, за жал, говори за тоа дека високиот криминал и корупција кај нас долги години биле прикривани, и наместо жестока реакција на правната држава ние сме етаблирале култура на неказнување.“ – рече Пендаровски.

Претседателот истакна дека високата корупција е еден од несаканите продукти на неприродната врска меѓу политиката и бизнисот. Секаде каде што има политички мешања во бизнисот, економијата трпи, односно малкумина се богатат во крајно сомнителни околности, додека народот страда. Убеден сум дека нема кој друг освен нас, политичарите, кои се должни да изградат амбиент за развој на бизнисот, но, нашата надлежност треба да заврши тука. Секое пречекорување на надлежноста, по дефиниција значи, влез во корупција, додаде Пендаровски.

„Не можам, а да не се согласам со констатациите на ГРЕКО дека Државната комисија за спречување на корупцијата треба да игра важна улога во националната антикорупциска политика. Оваа комисија, повеќе пати во минатото беше критикувана, со право, поради недостаток на независност, поради слабиот мандат или поради инертноста во однос на нејзините надлежности. Денес, имаме Антикорупциска комисија која ги има сите неопходни предуслови да биде пример за сите други институции во борбата против корупција. Сакам да ги охрабрам членовите на Државната комисија да продолжат со нивната работа во борбата против сите случаи на корупција и судир на интереси.Во таа насока, ќе ја имаат мојата јавна подрршка дури и за претпоставени случаи против мене или моите најблиски соработници.“ – истакна Пендаровски.

Ако сакаме младите да останат дома, ако сакаме да живееме во општество со извесна иднина, ако навистина сакаме владеењето на правото и правната држава да бидат наши врвни приоритети, тогаш базичен предуслов е да се впуштиме во бескомпромисна борба против корупцијата, подвлече претседателот Пендаровски.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top