Пентагон ги потврди подготовките за воена парада во Вашингтон

Претседателот на САД Доналд Трамп му наредил на Одделот за одбрана за планира ваков настан, а точниот датум се` уште не е познат.

Американскиот претседател Доналд Трамп, кажа дека би сакал воена парада во Вашингтон, што би ја надминала онаа за време на прославата на Денот на Бастилја минатата година во Франција на која присуствуваше. Тој на раководството на Пентагон му наредил да почне со планови за одржување на ваков настан.

Секретарот за одбрана Џим Матис, денеска соопшти дека Одделот за одбрана подготвува одредени опции за парадата коишто ќе му бидат претставени на Трамп.

Можни датуми за настанот се три државни празници - Денот на сеќавањето - на 28-ми мај, во чест за жртвите во американските војни, Денот на независноста, на 4-ти јули или Денот на ветераните, којшто се одбележува на 11-ти ноември, а годинава се совпаѓа со 100-годишнината од крајот на Првата светска војна.

Воени паради се реткост во САД, за разлика од оние за време на поранешниот Советски Сојуз или во Северна Кореја. Последен пат ваква парада организираше претседателот Џорџ Х.В. Буш во 1991-ва година, славејќи ја победата во Заливската војна, а претседателите Хари Труман и Џон Кенеди, воената моќ ја прикажаа за време на нивните инаугурации во 1949-та и 1961-та година, за време на Студената војна.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top