Пет работи кои ги очекуваме од овогодинешниот Apple Event

Настанот на кој Apple традиционално секоја година ги промовира новите уреди и технологии е закажан за денеска, 12 септември, а се очекува на него да бидат претставени трите нови модели на iPhone смартфони..

Претходно беше најавено дека на настанот ќе биде претставен радикалниот редизајн на ланскиот модел iPhone X, но Apple сигурно нема да застане само на овој новитет.

Секоја година Apple претставува револуционерни технологии и уреди, и секоја година успева да ја изненади публиката. Поради тоа, во продолжение можете да ги прочитате петте работи поради кои сме возбудени за овогодинешниот Apple Event.

Нови iPhone телефони

Како и секоја година, во центарот на вниманието на овој настан ќе бидат iPhone телефоните. Apple најави што отприлика може да се очекува, но сега чекаме официјално да видиме како тие изгледаат, кои се нивните перформанси и нивната цена. Накратко, оваа година ќе бидат претставени три нови модели: iPhone XS – ажурирана верзија на ланскиот iPhone X со подобри спецификации; iPhone XS Max – поголема верзија на ланскиот iPhone X, дел од линијата производи кои досега беа познати како Plus; и она кое предизвикува најмногу возбуда – евтиниот iPhone со 6,1-инчен екран, кој веројатно ќе биде наречен iPhone 9.

Apple Watch Series 4

Изгледа дека Apple реши да менува многу работи оваа година, па така и новиот Apple Watch добива радикален редизајн, за првпат по 2015 година. Новиот дизајн ќе понуди поголем дисплеј на часовникот, а истовремено ќе дојде во потенко издание кое е многу попрактично за носење на рака. Покрај новиот изглед, измените продолжија и во софтверскиот дел, кој гарантира дека новиот Apple Watch ќе има многу повеќе функции отколку досегашните изданија.

AirPower, AirPods и слични додатоци

Со овогодинешниот настан се одбележува точно една година откако Apple за првпат го претстави AirPower – безжичниот полнач за уредите од оваа компанија кој може да полни три уреди одеднаш. Новото издание на AirPower полначот би требало да има и дополнителни функции кои ќе бидат претставени на денешниот настан. Покрај него, од Apple се очекува и ажурирана верзија на AirPods слушалките кои ќе имаат нов безжичен чип, а според шпекулациите можеме да очекуваме и презентирање на нова верзија на USB полнач.

iOS 12, macOS Mojave и останати софтверски апдејти

Додека главните ѕвезди на настанот би требало да бидат новите уреди, не смее да се заборави на софтверските новитети кои пристигнуваат денеска. Apple можеби нема целосно да ги претстави новите iOS 12 и macOS Mojave, но веројатно ќе добиеме барем датум за кога тие ќе станат достапни. Со сигурност ќе бидат претставени нови опции на оперативните системи на Apple, како Screen Time и Emoji, а можеби ќе има и некоја информација повеќе за системот за виртуелна реалност.

Изненадувања

Веќе стана традиција Apple да нѐ изненадува со неколку ненајавени новитети. Оваа година немаме ниту идеја што би можеле да бидат тие, но се надеваме дека еден од нив е нова верзија на iPad Pro или пак нов Mac Mini. Ќе дознаеме кога Тим Кук ќе излезе на сцената.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top