Плевнелиев: Ваше е правото на самоопределување, но не е во ред да се фалсификува историјата

Поранешниот бугарски претседател вели дека Бугарија не сака ништо повеќе од она што е предвидено во Договорот за добрососедство.

Бугарија и посакува успех на Македонија и ние со сигурност ќе помагаме по патот на европската иднина. Но, од друг аспект, минатото не треба да не разделува. Фалсификуваната вистина не е здрава основа врз која ќе чекориме, вели во интервју за ТВ 24, екс претседателот на Бугарија, Росен Плевнелиев.

Тој вели дека Бугарија настојува „да се исчисти историјата од манипулации“. За горливите прашања како Гоце Делчев смета дека може да се најде решение кое двете земји ќе ги спои, наместо да ги раздвоии, но додава дека не смее да има фалсификување на историските факти.

„Република Македонија и нејзините граѓани имаат целосно право на самоопределување, за тоа каков јазик зборуваат и во која насока сакаат да тргнат. Но, истовремено не е во ред да се манипулира историјата, на пример историјата за Гоце Делчев. Гоце Делчев се определувал како Бугарин. Тој се борел за ослободувањето на Македонија, но Гоце Делчев не е на Бугарија, тој е и на Бугарија и на Македонија. Тој е заеднички херој за Бугарија и за Македонија и ние спокојно можеме да го чествуваме заедно, така како што почнавме да го чествуваме и Цар Самуил“, вели Плевнелиев.

Коментирајќи ги најавите на бугарскиот министер за одбрана, Красимир Карачанов кој рече дека Бугарија ќе го блокира македонскиот пат кон ЕУ ако нема напредок по историските прашања, Плевнелиев вели дека не очекува такво нешто.

„Ние сме братски држави. Политичари може да зборуваат што решат, но вистината е дека Бугарија е голем пријател. Ние сакаме мир и просперитет на Балканот, а тоа е можно само со членство на земјите од Балканот во ЕУ“, изјави Плевнелиев.

Тој вели дека Бугарија не сака ништо повеќе од она што е предвидено во Договорот за добрососедство.

„Бугарија не им го попречува правото на граѓаните на Македонија да зборуваат на каков јазик сакаат и да се определат какви што сакаат да бидат. Ваше право е. Но, не е во ред да се фалсификува историската вистина. А пропагандната машинерија Груевски беше смешна, но и тажна,  вклучувајки ме и мене, бугарскиот претседател, ме нарече Македонец. Не сум. Мојот род е бугарски род, но јас сум голем пријател на Македонија“, вели Плевнелиев.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top