Поаѓа ли Трамп во уривање на Европската Унија?

Која му е велта на Американскиот претседател?.

„Апсурдно. Целосно ги осудувам таквите коментари. Не ми ставајте зборови во уста. Идејата дека би поддржал одредени кандидати или партии е смешна. Стојам зад својот коментар дека се соочуваме со будење на тивкото мнозинство на оние кои ги отфрлаат елитите и нивниот балон и кој ги води Трамп“, напиша Гренел.

Новиот американски амбасадор во Германија по вторпат откако стапи на должност пред околу еден месец, предизвика скандал со изјави што многумина во Германија ги сфатија како мешање во внатрешната политика на земјата.

Последната изјава на Ричард Гренел, што е неверојатно за еден амбасадор, може да се сфати и како повик за смена на канцеларката Ангела Меркел и поддршка на германските и европските националисти и популисти, што би можело да ја дестабилизира самата Европска Унија.

Гренел прво на 13 мај практично им нареди на германските компании „веднаш да ги намалат“ активностите во Иран, откако американскиот претседател Доналд Трамп донесе одлука за еднострано повлекување на САД од Меѓународниот нуклеарен договор со Иран.

Сака да ги зајакне конзервативците, но не и Меркел

Сега во интервју за британската верзија на екстремно десничарскиот портал „Брајтбарт“, Гренел изјави дека „апсолутно сака да ги зајакне конзервативните сили во Европа и нивните лидери“.

Јасно е меѓутоа дека не мислеше на Меркел, иако таа доаѓа од демохристијанска партија, туку неговите коментари може да се протолкуваат како имплицитна поддршка на најголемата опозициска и трета по бројност политичка партија во Бундестагот, екстремно десничарската, релативно евроскептична и нагласено антимигрантска Алтернатива за Германија.

Освен тоа неговиот коментар дека „Трамп ги поттикнал луѓето да кажат дека нема да дозволат политичката класа да решава за тоа кој ќе победи и кој може да учествува на избори“, очигледно е јасна алузија на политичката криза околу формирањето на популистичката Влада на Италија на што претседателот стави вето, иако во меѓувреме таа Влада сепак беше формирана.

Имено американскиот амбасадор ги опиша конзервативците, кои ги поддржува тој и „тивкото мнозинство“ во Европа, како оние кои имаат „конзистентна конзервативна политика за миграцијата, намалување на даноците и кратење на регулативата и бирократијата“, без притоа со ниту еден збор да не го критикува подемот на екстремно десните и популистичките партии ширум Европа, иако нивниот евроскептицизам ја доведува во прашање идната насока на европската надворешна политика и иднината на самата Европска унија.

Уште повеќе Гренел со ова си противречеше сам на себе, бидејќи во претходни интервјуа себе си се опишуваше како „голем поддржувач на Меркел“, нагласувајќи ги нејзините импресивни економски резултати, но во врска со миграциската политика очигледно е дека Меркел и Гренел, односно конзервативците што тој сака да ги зајакне, стојат на дијаметрално спротивни ставови.

Американскиот амбасадор како продолжена рака на конзервативниот светски поредок

Меѓу нив Гренел посебно ги истакна австрискиот канцелар Себастијан Курц, кого го опиша како „рок ѕвезда“, а себе си како негов „голем фан“. Курц секако се истакна на австриската и европската политичка сцена токму со критиките на германската и европската бегалска политика, која вклучува задолжителни квоти за прием на бегалци за сите земји членки на ЕУ, како и со предизборните ветувања за затворање на австриските граници и со формирањето коалиција со екстремно десната Партија за слободната на Австрија.

По добиените критики на социјалните мрежи и од страна на медиумите, вклучувајќи ги и реакциите на високи германски претставници. меѓу кои и на министерот за надворешни работи Хајко Маас, Гренел на Твитер се обиде да се огради од толкувањата на неговите изјави.

Откако новинарот Џон Равосис на Твитер сугерираше дека Гренел сега би можел да застане и во одбрана на претседателот на Алтернативата за Германија, Алекдандер Гауланд, кој предизвика скандал со изјавата дека нацизмот е само „птичји измет“ во славната германска историја, амбасадорот му одговори:

„Апсурдно. Целосно ги осудувам таквите коментари. Не ми ставајте зборови во уста. Идејата дека би поддржал одредени кандидати или партии е смешна. Стојам зад својот коментар дека се соочуваме со будење на тивкото мнозинство на оние кои ги отфрлаат елитите и нивниот балон и кој ги води Трамп“, напиша Гренел.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top