Почина чешката тенисерка Јана Новотна

Трагична вест од Чешка го погоди тенискиот свет..

По долга и тешка болест почина Јана Новотна (50). Најголемиот успех во кариерата го забележа на Вимблдон во 1998 година со триумфот во финалето над Французинката Натали Тозија. Претходно одигра уште два меча за титула на лондонската трева – во 1993 година загуби од Штефи Граф, а во 1997 година од Мартина Хингис. Покрај единствената гренслем титула во поединечна конкуренција, Новотна беше сопственичка на уште 16 во женски двојки од кои четири во Лондон, по три на Ролан Гарос и на Ју-Ес опен и две на Австралија опен. Во нејзиното богато досие стојат и четири победи на големите турнири и во мешани двојки, конкуренција во која не успеа да слави само во Париз.

„Јана беше инспирација на теренот и надвор од него за сите кои имаа прилика да ја запознаат. Нејзината ѕвезда засекогаш ќе сјае во историјата на ВТА“, изјави Стив Сајмон, извршен директор на ВТА, по дознавањето на веста од Чешка.

Новотна беше позната по својот сервис и волеј игра што според многумина ги практикуваше најдобро во нејзината генерација. Најдоброто рангирање на ВТА листата го достигна на 7 јули во 1997 година кога беше втора светска тенисерка. Во кариерата што траеше 14 години освои вкупно 24 ВТА титули во сингл и уште 76 во дубл и два сребрени медала и еден бронзен на Олимпијадите. Со чешката репрезентација триумфира во Федерејшн купот во 1998 година.

Новотна беше примена и во Меѓународната тениска куќа на славните во 2005 година.

novatv.mk


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top