Почна изградбата на новиот КПД Идризово

Со поставување камен темелник, вчера, во Скопје започна изградбата на новиот објект на затворот Идризово, најголема казнено поправна установа во Република Македонија..

Инвестицијата вредна 52 милиони евра, обезбедена е од Банката за развој при Советот на Европа и од Буџетот на државата, а ќе овозможат европски стандарди во однос на условите за издржување казни на осудениците и ќе се зголеми капацитетот на установата од 900 на над 1.600 лица.

На почнувањето со градба присуствуваше премиерот Никола Груевски кој истакна дека станува збор за капитален проект кој следува како резултат на повеќегодишни подготовки и со примена на најдобрите искуства во оваа област од земјите во ЕУ.

- Станува збор за крупна инвестиција, која ќе го подобри престојот и третманот кон затворените лица. Тие се осудени на одреден затвор поради некое кривично дело што го извршиле, но треба да се почитува нивното достоинство и човекови права и мора да се инвестира во тој дел, во делот на нормален престој што не ги нарушува нивните права. Република Македонија со овој чекор ќе им помогне на лицата кои се наоѓаат во затвор во смисла на похуман престој и третман, а воедно ќе исполни и одредени критериуми согласно европските стандарди затоа што овој проект е работен согласно сите стандарди на ЕУ, рече премиерот Груевски.

Изградбата ќе се одвива во три фази и ќе опфати изградба на ново приемно, затворско и полуотворено одделение, реконструкција на отвореното одделение, изградба на главна капија, на центар за посети, ново здравствено одделение, спортска сала, работилници, магацини, нов безбедносен ѕид, огради, нова пречистителна станица и нови одделенија во женскиот затвор. 


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top