Почнува судењето за масовното прислушување

Во Kривичниот суд денеска треба да почне судењето за предметот на специјалното јавно обвинителство познат со име „Тврдина-Таргет“, за нелегалното прислушување, во кој обвинети за 12 лица..

Се очекува денеска на обвинителната клупа да седнат: поранешната минстерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Меѓу обвинетите се и поранешните началници во УБК, Никола Бошковски и Горан Грујевски, за кој е одобрена екстрадиција од судот во Солун каде се наоѓаат во притвор.

Во овој случај меѓу обвинетите е и Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинетот на ексдиректорот на УБК, Мијалков.

Досега имаше едно рочиште, но тоа беше одложено поради отсуство на еден од адвокатите на Мијалков. Сега предметот ќе почне од почеток бидејќи според новиот распоред на судот, повеќе нема да го води судијката Ленка Давиткова туку Џанета Бегтовиќ.

Според обвинението за „Таргет“, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top