Пола милијарда евра од буџетот за дупката во пензискиот фонд

Дупката во пензискиот фонд во 2018 година ќе „лапне“ околу педесет милиони евра повеќе од државниот буџет во споредба со годинава. Државата ќе одвои половина милијарда евра за да може да се обезбеди навремена и редовна исплата на пензиите..

Недостигот на средства во ПИОМ секоја година расте се повеќе, а за сега на повидок нема решение кое ќе овозможи надминување на овој проблем. Професорот Абдулменаф Беџети вели дека ваквата зависност од буџетот не е добра ниту од аспект на оправданост, ниту од аспект на финансиска стабилност. Како едно од решенијата предлага зголемување на стапката на придонесите за пензиско осигурување, која изнесува 18 проценти.

„Можеби треба да се вратат дел од стапките на придонесите кои важеа порано. Како што знаете, ние во 2007 – 2008 година ги намаливме придонесите во име на тој фискален популизам тогаш, ги намаливме придонесите за пензиско осигурување. Сега барем треба да се вратат на нивото на кое беа, со цел да се намали оваа зависност“, вели Абдулменаф Буџети, академик.

Според Беџети, не постои брзо решение за овој проблем. Тоа, како што вели, зависи од повеќе аспекти меѓу кои и брзината со која ќе расте македонската економија.

„Не зборуваме тука за решение за две три години туку збориме за после 10, 15, 20 години, за генерациите кои ќе дојдат, барем тие да имаат стабилен пензиски систем, бидејќи моментално никако не може да има краткорочно решение“, додава Беџети.

Премиерот Заев при презентирањето на буџетот за идната година најави дека во 2018 нема има дополнително зголемување на пензиите, освен растот кој е предвиден како годишна законска обврска.

„Има пари за законско порамнување на пензиите. Како што ќе растат платите и трошоците на живот ќе растат и пензиите“, рече премиерот Заев.

Во 2018 година за исплата на пензии на над 300.000 пензионери ќе се потрошат речиси 880 милиони евра што е за 34 милиони евра повеќе од годинава.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top