Положен испитот пред Келце: Вардар со половина сила до убедлива победа

Сосема очекувано, Вардар ја оствари седмата победа во СЕХА-лигата, откако вечерва на домашен терен го победи Извиѓач со 38:27..

Нашиот претставник во елитното натпреварување имаше водство во текот на целиот меч, а гостинскиот тим само еднаш и тоа во третата минута успеа да го израмни резултатот. Од тие моменти избраниците на Парондо направија серија од 4:0 и успеаа да поведа со 5:1. Очекувано шанса во стартниот состав добија играчите со помала минутажа во Лигата на Шампионите, секако тоа не се однесува на Карачиќ, Калараш и Дисингер, но затоа на крилните позиции беа Поповски и Недановски, додека во нападот започнаа Дисингер и Кисељев, а на денешниот дуел поштеда доби и Алжирецот, Калифа Гедбан. Шпанскиот стратег на клупата на Вардар им даваше шанса на сите играчи, кои беа во составот за денешниот дуел, а меѓу нив беа и Мишевски, Војводич и Оцвирк. До крајот на првиот дел само ја зголемувавме предноста, а полувремето заврши со погодок на Чупиќ од контра-напад, кој со својот втор гол во овој дел од мечот му донесе водство на Вардар од 21:13 на одмор.

Во игра во вториот дел ги видовме Скубе како и Дибиров кои се загреваа за саботниот меч против Киелце. Токму со голот на Скубе започна вториот дел за веќе да имаме убедливи девет гола позитива, а исто толку одбрани во тој момент имаше и Милосављев на нашиот гол. Поповски за прв пат донесе и двоцифрена предност од 23:13 после само три минути игра во вториот дел. Откако гостинскиот тим направи серија од 1:3 и го намали резултатот, следеа три последователни голови на Вардар за во 38 минута повторно да имаме двоцифрена предност. Гледавме брза игра од страна на Вардар кој рутински ги одработуваше последните десет минути од дуелот.

Оцвирк, Војводиќ и Кисељев имаа по 6 голови. На голот Милосављев со 11 и Кизиќ со 6 одбрани. Ова беше седми трумф во СЕХА, следниот меч е во сабота против тимот на Киелце, во истава сала.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top