Помпео со јасна порака: Подготвени сме да го сопреме „Северен тек 2“ - Германија не ја сфаќа опасноста

Американскиот државен секретар Мајк Помпео порача дека САД „ќе направат се“ за да го сопрат „Северен тек 2“ кој според него претставува „безбедносна закана по Европа“..

Во говорот пред Советот за надворешни работи во американскиот Сенат, државниот секретар Мајк Помпео порача: „Подготвени сме да го сопреме тој проект, но потребни ни се методи. Подготвени сме да ги искористиме тие методи доколку ни одобрите“.

Со други зборови, Помпео има намера да им воведе санкции на европските компании кои учествуваат во проектот за изградба на „Северен тек 2“ - гасоводот помеѓу Русија и Германија. Како што е познато, во проектот се вклучени голем број на европски енергетски компании.

„Сметам дека на компаниите им е јасно што значи тоа, дека ќе се најдат под американски санкции“, изјави Помпео и истакна дека истото важи и за сите компании кои би соработувале во изградбата на другиот гасовод, Турски тек.

„Да, Германија не го дели нашето мислење во врска со тие закани, но ние сме подготвени да преземеме одговорност, одговорност за чување на безбедноста на европските народи“, изјави американскиот државен секретар.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top