Помпео во Саудиска Арабија ќе разговара и за случајот на уапсениот американски доктор

Државниот секретар на САД рече дека за време на тридневната посета ќе ги покрене прашањата за човековите права и за состојбата со Иран.

Државниот секретар на САД Мајк Помпео е во посета на Саудиска Арабија, каде се очекува да разговара за состојбата со човековите права, конкретно за уапсениот американскиот доктор со саудиско потекло Валид Фитаихи.

Стејт департментот соопшти дека за време на тридневната посета, Помпео ќе се сретне со кралот Салман, принцот Мохамед бин Салман и министерот за надворешни работи Фајсал бин Фархан.

Помпео рече дека ќе разговара со саудиските лидери за американскиот доктор Фитаихи, кој беше уапсен во ноември 2017-та година, за време на антикорупциската операција на принцот, при која беа упасени министри, лидери и бизнисмени.

„Сигурен сум дека ќе го покренам тоа прашање, како и проблемите со човековите права“, рече Помпео пред патувањето во Саудиска Арабија.

Двајца американски законодавци, членови на Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом, претходно испратија писмо до Помпео, во кое побараа од него да разговара за случајот на Фитаихи, кој речиси две години е упасен без да биде обвинет.

Неговиот син Ахмед Фитаихи им кажал на членовите на Конгресот дека неговиот татко бил малтретиран, без да има можност за чести контакти со семејството.

Помпео нагласи дека ќе разговара и за економските и безбедносните прашања, особено за проблемите поврзани со Иран.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top