Поради Јупитер, на Венера има пеколни услови, тврдат научниците

Според најновите истражувања, Јупитер е одговорен за фактот што Венера денеска е зажарена и одбивна планета со облаци полни со киселина..

Да не било влијанието на овој гасен гигант, Венера можело да има прилично пријатна клима што може да го поддржи развојот на живот. Имено, едно ново истражување сугерира дека гравитационото поле на Јупитер ја турнало Венера поблиску до Сонцето, создавајќи ефект на стаклена градина по што испариле сите океани.

Сега на Венера дневната температура е толку висока што може да се стопи олово, а атмосферата е густа и отровна, исполнета со јаглерод диоксид. Планетата е полна со жолтеникави облаци полни со сулфурна киселина.

Таа е најтоплата планета во нашиот Сончев систем, иако Меркур е поблиску до Сонцето. Температурите на Венера се околу 465 степени Целзиусови.

Преку компјутерски модел кој што ги следи различните позиции на планетите во Сончевиот систем, научниците откриле дека Венера би имала различна орбита отколку што ја има денес доколку не ја „туркал“ Јупитер кога се оддалечил од Сонцето пред околу милијарда години, пишува Science Alert.

"Во согласност со движењата на Јупитер, Венера минувала низ драматични климатски промени. Прво се повеќе се загревала, потоа се ладела и ги губела своите океани", објасни астробиологот Стивен Кејн од Универзитетот во Калифорнија.

Имено, Венера има многу униформа и кружна орбита околу Сонцето, што е невообичаено бидејќи повеќето планети имаат елипсовидна орбита во која растојанието од Сонцето варира во текот на целата година. Научниците веруваат дека Венера имала многу погостопримлива клима кога нејзината орбита била елиптична.

Јупитер е исклучително голема планета и има двојно поголема маса од сите планети во Сончевиот систем заедно, па не е ни чудо што неговиот развој влијаел на орбитите и климата на другите небесни тела.

Ако во минатото имало живот на Венера, веројатно не преживеал такви драстични климатски промени, сметаат научниците. Иако неодамна е откриено дека има траги од гас фосфин во атмосферата на Венера, што може да укаже на постоење живот, експертите се скептични затоа што во тој случај микробите би морале да преживеат пеколни услови во последните милијарди години.

„Веројатно постојат некои други процеси кои го објаснуваат појавувањето на фосфинот“, изјави Кејн.

Истражувањето наречено Could the Migration of Jupiter Have Accelerated the Atmospheric Evolution of Venus? е објавено во списанието „ Planetary Science Journal“.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top