После 60 години, конечно е направена фотографија од короната на Сонцето

Научниците коишто се занимаваат со хелиофизика чекаа 60 години за овој момент. Истражувачката сонда Паркер, лансирана од Наса, од 31 октомври до 11 ноември имаше блиска средба со Сонцето, односно влезе во неговата атмосфера (корона) и сега кружи околу него.

Како резултат од ова блиско надлетување добиена е првата фотографија од таа блиска средба, којашто научниците ја поделија со целиот свет за време на средбата на Американската заедница на геофизичари.

Фотографијата го прикажува струењето на короната, коешто се состои од соларен материјал во неа и се појавува во деловите со засилена соларна активност.

Прво струењето можеше да се види на источниот дел од сонцето и видливи се најмалку два зрака. Во заднината дури може да се види и Јупитер, светлата точка во близина на средината на сликата.

Оваа фотографија ќе им помогне на хелиофизичарите да дознаат што се наоѓа во короната на сонцето. Исто така, се надеваат да дојдат и до одговори на прашањата: Зошто сончевата корона е многу потопла од самата површина на сонцето? Зошто соларниот ветар од сонцето е толку брз? Како сончевите честички се движат со брзина која изнесува дури 50% од брзината на светлината?

Покрај фотографиите, сондата Паркер ќе изврши и мерења коишто се неопходни за подобро разбирање на бројните сончеви феномени. Научниците се надеваат дека сондата ќе може да собере примероци од соларната корона, како и од младиот соларен ветар.

Резултатите од првото мерење се веќе испратени на земјата на 7 декември, а следниот прелет е предвиден за во април 2019 година, додека пак целосната мисија на сондата ќе трае до 2025 година.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top