После средбата со Трамп, на Ким му се подготвува нов историски состанок

Јапонските власти подготвуваат состанок помеѓу нивниот премиер Шинзо Абе и лидерот на Северна Кореја Ким Џонг Ун, пишуваат јапонските медиуми..

За потсетување, оваа седмица севернокорејскиот лидер во Сингапур се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп, настан кој сите светски медиуми го карактеризираа како историска средба.

Сега јапонските власти подготвуваат состанок помеѓу премиерот Шинзо Абе и Ким Џонг Ун.

Јапонија, која остана по страна во текот на интензивните дипломатски активности последниве неколку месеци околу Северна Кореја, сега сака директно да им се обрати на властите во Пјонгјанг, посебно околу прашањето за јапонските државјани заробени во седумдесеттите и осумдесеттите години во Северна Кореја.

Јапонските власти предвидуваат неколку сценарија, помеѓу кои е и Абе да го посети Пјонгјанг во август.

Неколку јапонски медиуми денеска пренесоа дека Ким изразил подготвеност да се сретне со Шинзо Абе, додека јапонскиот премиер исто така истакнал дека сака директен состанок со лидерот на Северна Кореја во врска со заробените Јапонци.

„Ако биде тешко да се организира состанок во Пјонгјанг во август, Абе би можел да се сретне со Ким во септември на економскиот форум во Русија“, пренесуваат јапонските медиуми.

Портпаролот на јапонската влада одби да ги потврди овие информации, пренесувајќи дека се уште ништо не е одлучено.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top