Повеќе од 400 луѓе починале поради неодамнешните шумски пожари во Австралија

Околу 445 лица починале, а илјадници се хоспитализирани поради чадот во неодамнешните пожари во Австралија, што предизвикало големи здравствени трошоци од над две милијарди австралиски долари (1,3 милијарди американски долари)..

Во пожарите што избувнале помеѓу август и март во австралиската дивина, обрасната со грмушки и шуми, изгореле повеќе од 12 милиони хектари земја, биле уништени над 3.000 домови и загинале 33 луѓе во шест од осумте австралиски држави и територии.

Чадот од пожарите го загадил воздухот во австралиските градови, како Сиднеј и Канбера, каде што нивото на загадување во јануари било за 40 пати поголемо од дозволеното.

Дури 80 проценти од населението во Австралија било изложено на тешки последици од чад и оган, велат експертите за Кралската комисија за природни непогоди.

Професорката Феј Џонстон од Универзитетот во Тасманија тврди дека здравствените ефекти на чадот биле поголеми од самиот пожар.

Трошоците за лекување и закрепнување од чад поврзани со предвремена смрт и итна хоспитализација се проценува дека надминувале две милијарди австралиски долари, четири пати повеќе отколку во 2002-2003 година, кога Австралија се соочила со својата втора најстрашна сезона на шумски пожари и загадување на воздухот со чад.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top