Прашањето со административците се префрла кај новото министерство

Новото министерство за политички систем ќе им бара столче на административците кои земаат плата, а не одат на работа..

Откако Министерството за информатичко општество и администрација две години не успеа да реши дел од рамковните вработувања, сега топката ја префрла во новиот ресор. Министерот Дамјан Манчевски тврди дека после 10 години сега конечно проблемот ќе се реши и овие административци ќе бидат ангажирани во државните и јавни институции.

„За стотици веќе е завршена  постапката, а за остатокот откако завршија претседателските избори и веќе нема ограничувања во најсокро време ќе биде завршена…“, рече Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација.

Сепак, Манчевски додава дека во новото Министерство за политички систем кое треба да почне со работа од 1 јуни, не се предвидени нови вработувања. Административците ќе бидат преземени од Секретаријатот за рамковен договор, но не кажа колку точно вработени ќе има. Манчевски не кажа колкав е сега бројот на административци кои земаат плата, а не одат на работа, нив сега ќе ги пребројува новото министерство.

Распределбата на првата група од 958 административци беше ветено дека ќе биде направена најдоцна во јуни минатата година, но и покрај ветувањата на Владата, тоа не се случи. Околу 200 административци на кои им беше понудено работно место, го одбија. Пред неколку месеци министерот Манчевски призна дека во процесот има застој. Прашањето како треба да работат 1.600 административци трае со години. Тие веќе 15 години добиваат плата, но никаде не одат на работа.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top