Пратениците ќе расправаат за буџетот во еден часот по полноќ, викендов е можно и разрешување на Зврлевски

Продолжението на денешната собраниска седница на која се расправа за предлог завршната сметка за буџетот за 2016 година е закажано за еден часот по полноќ..

Последниот прекин на седницата беше на барање на Драган Данев, еден од шефовите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ.

И оваа седница помина главно во дискусии и реплики на опозициските пратеници, а Илија Димовски (ВМРО-ДПМНЕ) рече дека ноќните собраниски седници ќе зачестат и дека владејачката коалиција ќе треба да си ги обезбеди сите 62 пратеника.

Драган Тевдовски, министерот за финансии во образложението рече дека лани економскиот пораст бил 2,4 отсто, најслаб од земјите од окружувањето и дека инвестициите лани забележале пад од 4,3 проценти, а јавниот долг бил зголемен за 484 милиони евра во однос на 2015 година.

Од Собранието најавуваат можно продолжување на седницата и викендов за да се заврши работата и со разрешувањето на обвинителот Марко Зврлевски.

И вечерва, за време на дискусијата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски, пратениците од владејачкото мнозинство излегоа од собраниската сала и потоа се вратија.

„Колегата Васко Ковачевски ги спомна трошоците за стекови од бизони, коњи, жирафи и сл. животинско царство, при говорење за завршната сметка за 2016 година во контекст на оправданоста и фискалната неодржливост, неоправданост и криминогеност на буџетските расходи во 2016 година. Тогаш, Илија Димовски се изнервира и даде налог десетте пратенички групи да си реплицираат едни на други (како што правеа при блокирањето на конститутивната седница). Ама и не е ниту до тоа. Сака да го блокира изгласувањето на потпретседатели и на генерален секретар на Собранието, со што дополнително ќе се развлече разрешувањето на Зврлевски“, напиша на својот фејсбук профил пратеникот Павле Богоевски и најави дека ќе работат до доцна во ноќта.

Собранието денеска одлучи предлог законот за дополнување на Законот за извршување на буџетот на Република Македонија за 2017 година, да се донесе по скратена постапка. 



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top