Премиерот на 60 годишнината на трите технички факултети во Скопје

Зоран Заев вчера присуствуваше и имаше свое обраќање на одбележувањето на 60 годишнината од основањето на Машинскиот факултет, Факултетот за електротехника и информациони технологии и технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методи“..

На овој настан покрај премиерот Заев, свое обраќање имаа и деканот на ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, професор доктор Никола Јанкуловски, деканот на Машинскиот факултет, професор доктор Дарко Данев, деканот на Факултетот за електротехника и информациони технологии, професор доктор Димитар Ташковски и деканот на технолошко-металуршки факултет, професор доктор Јон Магдески кои ја потенцираа важноста на постоењето на овие факултети.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, меѓу другото истакна:.

„Чествуваме 60 години историја и вградени кариери и знаења на генерации и генерации професори, научни работници, асистенти и други составен дел на факултетите кои создадоа инженери во клучни области за развојот на нашата држава. Славиме 60 години исполнети со големи успеси на планот на образованието и науката.

Вечерашната свечена прослава на овој значаен јубилеј е само скромно оддавање на признание на десетиците илјади инженери од трите факултети кои потоа стекнатите знаења ги пренесоа и практикуваа во нашата земја и во земјите на поранешната заедничка држава Југославија. На овие факултети студираа и студенти од други држави и јас сум убеден дека тие со гордост раскажуваа дека своето знаење го стекнале на некој од овие три факултети.

Јас нема да се задржувам повеќе на минатото. Ректорот и деканите, кусиот филм што го гледавме, се најповикани да говорат за успесите што произлегоа од акумулираното знаење на сите поранешни професори и на сите студенти кои тоа знаење го преточија во праксата на големите фабрики и во индустриските комплекси.

Сакам да зборувам за иднината. Сметам дека областите што ги покриваат овие три факултети се носечките индустрии на иднината и го заслужуваат токму тоа внимание. Да зборуваме за нив со поглед свртен кон иднината. За нашата земја, тоа се исклучително важни дејности како основа за нашиот развој, како основа за креирање на нови работни места, нови вештини и нови бизнис модели на брзо растечки и конкурентни индустрии во глобалниот свет.

Во таа насока, Владата на Република Северна Македонија, имајќи го тоа предвид, останува партнер на системот на универзитетското образование и ќе ја дава неопходната поддршка. Пред неполни 4 месеци, на Факултетот за електротехника и информатички технологии учествувавме во отворањето на првиот Научно – Технолошки парк во Република Северна Македонија.

Во него веќе почнаа да се развиваат нови вештини, да се раѓаат нови идеи, да се креираат нови иновации и изуми на студентите и професорите од сите три технички факултети.

Некои млади луѓе ќе ги започнат и своите старт ап бизниси. Со еден збор ќе се трасира патот на нашата заедничка иднина – патот кон напредокот и дигиталната револуција, истакна меѓу другото премиерот Зоран Заев.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top