Премиерот очекува чиста препорака за членство во ЕУ

Македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за ТВ 24 вести истакна дека речиси 96 отсто од Планот 3-6-9 е реализиран и оти доколку заедно со опозицијата ги изгласаат законските решенија што се останати тогаш би дошле до 99-процентна реализација..

– Кога ќе дојдат еврокомесарот Јоханес Хан и високата претставнична за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, очекуваме идната седмица тие да го соопштат тоа. Од она што ние го знаеме и имаме информации и од тоа што го гледаме заслужуваме кристално чиста препорака за почеток на преговорите со ЕУ, истакна Заев.

Вели дека е битно не само заедно да се гласа во Парламентот, туку е важно да се гради национален консензус, бидејќи според него, тоа гарантира имплементација на тие законски решенија.

– Граѓаните чекаат резултати, не само гласање на закони, сакаат да ги почувствуваат тие нови закони како се рефлектираат на позитивен начин врз нивните животи, додаде тој.

Потенцира и дека за градење на заеднички консензус потребни се отстапки од двете страни и оти досега при донесувањето на законските решенија и опозицијата и власта ги правеле во интерес на граѓаните.

Во врска со состојбите во судството вели дека законот мора да важи  подеднакво за сите и верува дека тоа ќе станува се поефикасно и понезависно.

– Не може јас како премиер да гарантирам дали секој судија ги носи одлуките согласно Устав и закон. Тоа е друга власт, не е извршната власт. Треба да знаат граѓаните дека нема повеќе премиери и министри коишто носат пресуди, се јавуваат по телефони или слично. Се постапува исто за секој согласно закон, полицијата повикува на информативен разговор соодветно на тоа и доказите коишто ги поднесува соодветна постапка и тоа е постапката по која што се постапува, вели Заев.

Во интервјуто премиерот најави дека ќе има кадровски промени во ресори во кои тој не е задоволен од постигнатите резултати.

– Во многу мал дел не сум задоволен од неколку министри и тука ќе има промени, додаде Заев.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top