ПРЕСПАНСКИ ДОГОВОР: Сонцето од Кутлеш за еден месец ќе зајде од јавниот простор

Од Владата чекаат институциите да им јават каде сè го има сонцето од Кутлеш, по што ќе преземат корективни дејства, но не откриваат повеќе детали на кој начин ќе се врши корекцијата..

По точно еден месец сонцето од Кутлеш, симболот на првото знаме на независна Македонија, повеќе нема да може да се види во јавна употреба, затоа што дотогаш ќе биде отстрането од јавниот простор, а сите споменици што упатуваат на античката елинска историја и цивилизација ќе бидат соодветно означени, согласно со Преспанскиот договор.

Од Владата за „Слободен печат“ велат дека корекциите ќе бидат завршени во зацртаниот временски рок, но не изнесуваат детали на кој начин ќе се извршат корекциите, како ќе се спречи јавната употреба на сонцето од Кутлеш и што сè е регистрирано како јавен простор и јавна употреба.

– На седницата одржана на 4 јули, Владата на Република Северна Македонија го задолжи Генералниот секретаријат да побара надлежните институции да достават информација за спомениците, јавните и другите инфраструктурни објекти чии имиња се дел од античката хеленска култура и цивилизација, во чија надлежност се тие во однос на поставувањето и одржувањето и кој е носител на авторските права, доколку станува збор за уметнички дела. Воедно, Владата го задолжи Генералниот секретаријат да побара надлежните институции да достават информација каде се користи или е вграден симболот на сонцето од Вергина во јавниот простор. Корективните дејства ќе бидат преземени по обезбедувањето на информациите, согласно со Преспанскиот договор и во зацртаниот временски рок – одговорија од Владата.

Уставните измени за промена на државното име беа изгласани на 11 јануари, стапија на сила на 12 февруари, а рокот за преименување на спомениците и за отстранување на сонцето од Кутлеш истекува на 12 август.

МПЦ: Црквите не се јавен простор

Од Владата сè уште не откриваат што конкретно ќе значат корекциите и на колку јавни места го има сонцето од Кутлеш, кое според договорот со Грција, треба да биде отстрането од сите јавни места, од јавната употреба и никогаш повеќе да не се користи во нашата земја. Граѓаните се во недоумица дали ќе биде забрането да се вее поранешното државно знаме на јавните собири и дали ќе има пропишани казни за тоа. Дилема е и дали фасадите на приватни куќи се сметаат за јавен простор и дали граѓаните што го насликале, врежале, вдлабиле или го направиле како мозаик на своите фасади, ќе мора да го отстранат. Многумина се прашуваат дали и надгробните споменици на кои го има овој симбол се јавен простор, како и што ќе се случува со логоата и амблемите на фирмите што го користат.

Симболот го има и во црквите низ Македонија – и на фасадите и на други места – но од МПЦ за „Слободен печат“ велат дека црквите не се јавен простор и не добиле никаков допис од Владата на оваа тема.

– Црквите не се јавен простор и не нè засега оваа одредба од договорот. Не сум запознаен на колку цркви го има симболот – вели владиката Тимотеј.

Сонцето од Кутлеш го има насекаде. Тоа е насликано на фасадите на спортски сали, го има на подовите на разни јавни површини, во паркови, трговски центри, на сувенири, а може да се види и на шахтите низ Скопје. Симболот целосно го има на знамето на општината Македонска Каменица, како и делумно на грбот на Општина Могила, но и на плоштадот во Виница, каде што ѕвездата е изработена од црвени и жолти бекатон-плочки по целата површина.

Досега сонцето е отстрането од кабинетот на директорот на ЈП „Водовод и канализација“ од Скопје, каде што беше исткаено на голем тепих. По налог на Владата, откако Грција испратила протестна нота, тепихот беше експресно однесен во депо еден месец по ратификувањето на договорот во Собранието.

Без дефиниција за јавен простор

Во нашето законодавство нема прецизна дефиниција што е тоа јавен простор, а Законот за просторно и урбанистично планирање воопшто не го објаснува овој поим. Според Законот за прекршоци против јавен ред и мир, јавно место е место на кое е слободен пристапот без какви било услови (улица, училишта, плоштади, патишта, излетнички места, чекалници, угостителски, трговски и занаетчиски дуќани и сл) или под определени услови (стадиони, јавен превоз, кино сали и сл). За прекршок на јавно место се смета и кога дејството не е сторено на јавно место, но може да се гледа од јавно место. Таков простор се балконите, терасите, скалилата, столбиштето…

Според Законот за јавна чистота, јавни површини и отворени простори на јавни објекти се улици, тротоари, велопатеки, плоштади, кејови, подвозници, надвозници, мостови, паркиралишта, скалила, паркови, гранични премини, аеродроми, железнички, автобуски, бензински и такси-станици и други објекти на комуналната инфраструктура, зоолошки градини, градски гробишта, сајмишта, пазари и др.

Закон за заштита од пушење дефинира јавни простории – тоа се објекти во кои се врши воспитно-образовна дејност, здравствените и социјалните установи, затворени и отворени простории за спортски натпревари, културни и забавни манифестации итн.
Според Законот за гробишта и погребни услуги, гробиштата се добра во општа употреба и се во сопственост на државата, а физичките лица засноваат право на употреба на гробното место како лична службеност.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top