Претседателот ги „рекетира“ своите сојузници

Немојте да им верувате на „лажните вести“ бидејќи имав одличен состанок со Ангела Меркел, но морам да појаснам дека Германија должи огромни пари на НАТО и на САД, изјави Трамп..

За голем број политички коментатори ова поимање на американскиот претседател е класично рекетирање на суверени држави, во стилот на мафијашко нудење на заштита.

Доналд Трамп намерно или случајно неколку пати повтори дека голем број на НАТО членки, вклучувајќи ја тука и Германија, на САД и должат пари поради тоа што не одвојуваат доволно за својата одбрана.

Ова американскиот претседател го изјави во неколку наврати за време на кампањата, но и по неговиот избор за прв по човек на Америка. Последен пат тој се наврати на „долгот“ по посетата на германската канцеларка Ангела Меркел.

– Немојте да им верувате на „лажните вести“ бидејќи имав одличен состанок со Ангела Меркел, но морам да појаснам дека Германија должи огромни пари на НАТО и на САД, поради трошоците што ги имаме направено за нивната безбедност – во два твита едноподруго, Трамп го опиша своето мислење за блискиот сојузник и својот поглед на Северно-атланската алијанса.

Рекетириње на сојузниците

На самитот во Велс одржан во 2014 година, претставниците на 28-те членки на алијансата се согласија својот воен буџет да го проектираат на 2% од Бруто домашниот производ(БДП). Сепак, освен САД чии издатоци се 3,6% од БДП, уште само четири членки се придржуваат до договореното, додека останатите се далеку под потребното ниво. Трамп тоа го толкува како долг кон САД, бидејќи земјите како Германија слободно ги развиваат своите економии, знаејќи дека моќната армија на неговата земја ги чува од сите потенцијални непријатели.

За голем број политички коментатори ова поимање на американскиот претседател е класично рекетирање на суверени држави, во стилот на мафијашко нудење на заштита.
Поранешниот амбасадор на САД во НАТО Иво Далдер, му напиша писмо на Трамп за да му објасни како функционира оваа организација.

– За жал претседателе работите во НАТО не функционираат на тој начин. Не се работи за финансиска трансакција во која другите земји и плаќаат на Америка да ги заштитува. Секоја членка на НАТО ја гради својата одбрана, а договорот за 2% од БДП-то е донесен за да се зголеми вкупната моќ на алијансата, поради евентуалната опасност од Русија – се вели во писмото на Далдер.

Протекционизам наместо слободна трговија

На состанокот со Меркел, на кој тој одби да се ракува со нејзе во „Овалната канцеларија“, што беше причина за голем број на шпекулации од страна на медиумите, тој истакна дека не е задоволен од трговската размена со Германија, во која САД бележи огромен дефицит.

– Јас не сум против слободната трговија, но посреќен ме прави фер трговија – истакна Трамп, а истите ови зборови ги повтори и неговиот секретар за финансии Стив Мнучин, на состанок на Г-20 во Баден-Баден, Германија.

Претставникот на САД е единствениот кој беше против објавувањето на заедничка декларација од учесниците на самитот, со која беше замислено да и се даде поддршка на слободната трговија. 

Згора на се на состанокот не беше постигнат договор ниту за еколошката програма на најразвиените земји во светот, бидејќи Мнучин истакна дека владата на неговата земја значително ќе намали средствата кои претходно беа предвидени да бидат инвестирани во проекти корисни за човековата средина. 

Со ова се потврдија стравувањата дека новата администрација на САД, нема намера да се држи до претходно постигнатите договори за екологија.


Copyright 2016 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top