Презентиран проектот за реконструкција на Кејот на Охридското Езеро

Општина Охрид денеска го презентираше проектот за реконструкција на Кејот на Охридското Езеро, на потегот од Градското пристаниште до Холандскиот парк кај каналот Студенчишта..

Станува збор за зафат во вредност од 1,2 милиони евра, средства што е предвидено да бидат обезбедени преку Светска банка, со учество и со средства од буџетот на Општина Охрид.

– Проектот моментално е во финална фаза, обезбедени се сите неопходни согласности од надлежните институции, изготвен е и елаборат за заштита на животната средина со стратешка оценка за влијанието на проектот врз околината. Стигнати сме до фазата на одобрение од Министерството за транспорт и врски што очекуваме во наредните десет дена да биде обезбедено, така што имаме комплетен проект, појасни градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски.

Проектот предвидува реконструкција на постојниот Кеј во должина од илјада метри, зацврстување на сегашната конструкција, негово проширување, по што тој дел од градот треба да добие сосем нов лик.

– Пристапот при изготвувањето на проектот беше да разговараме со сите заинтересирани и што ја следат еколошката компонента на развојот на градот, секако водејќи сметка и за социјалните аспекти на влијанието, културните аспекти, како и за туристичкта валоризација на Кејот, рече Стојаноски.

Надлежните институции задолжени за заштита на животната средина без поголеми забелешки на проектот за реконструкција. Трајче Талевски од Хидробиолошкиот завод истакна дека биле прифатени нивните забелешки за употреба на соодветен материјал при градежните активности, односно за реконструкција да се користат песок и чакал од езерското сливно подрачје за да се спречи евентуални загадување на средината со флора и фауна некаратеристична за Охридското Езеро.

Што се однесува на предвиденото проѓирување на Кејот, Талевски истакна дека станува збор за зафат во езерото од нецел метар, што според експертите од Заводот нема неповолно да влијае врз литоралниот дел на езерото.

– Проектот нема да предизвика еколошки проблеми во тој дел, пред се поради технологијата на изведувањето на градежните зафати. Предвидено е прво во теренот да се набиваат цевки што потоа ќе се полнат со материјал, што значи дека нема да има контакт на вградениот материјал со пасокот и милта во крајбрежниот дел. Наша оценка е дека проектот нема да придизвика некакви големи промени во животниот и растителниот свет, посочи Талевски.

Горан Устојаноски, капетан на Капетанијата на пристаништа во Охрид истакна дека институцијата нема никакви забелешки по проектот, оттаму што предвиденото проширување на Кејот е во мерка што не зафаќа длабока вода каде се одвива активна пловидба.

На презентацијата на проектот присуствуваа претставници на изработувачот на основниот проект „Астрекс" од Скопје, на Министерство за животна средина и просторно планирање, Хидробиолошки институт, Заводот за здравствена заштита, Комисија за заштита на природно и културно наследство на Охридски регион, Единицата за спроведување на проектот „Локална и регионална конкурентност", ПЛРК, Капетанијата на пристаништа, Еколошкото друштво „Грашница", „Охрид СОС", ХОТАМ, Туристички кластер ЕДЕН, Здружението на водичи „КЕЈ", јавните комунални претпријатија од Охрид, невладини организации и граѓани.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top