Примирје од трговската војна меѓу САД и Кина

САД и Кина нема да воведат нови царини за време на грејс период од 90 дена, при што двете страни ќе преговараат за детален договор..

Азиските акции се стабилизираа во понеделникот по веста дека САД и Кина, двете најголеми економии во светот, нема да воведат нови царини за време на грејс период од 90 дена, при што двете страни треба да преговараат за детален договор.

На почетокот на тргувањето во понеделникот, кинескиот главен пазарен индекс порасна за 2,7 отсто, а Хан Сенг во Хонг Конг за 2,8 отсто.

Јапонскиот индекс Никеи 225 порасна за 1,4 проценти.

САД и Кина се согласија на мало примирје во нивната трговска војна по состанокот меѓу претседателите Доналд Трамп и Ши Џинпинг на самитот на Г-20 во Аргентина.

Кинеското министерство за надворешни работи соопшти дека двајцата лидери се согласиле да работат во правец на отстранување на сите царини.

„Всушност, консензусот постигнат од страна на лидерите на нашите две земји е да запре наметнувањето на нови царини. Во исто време, двајцата водачи ги упатија нивните економски тимови да ги интензивираат разговорите за отстранување на сите царини кои биле наметнати досега, така што ќе може да се постигне договор од заеднички интерес“, рече Генг Шуанг, портпарол на кинеското министерство за надворешни работи.

Трамп, разговарајќи со новинарите во претседателскиот авион Air Force One, откако авионот ја напушти Аргентина, и рече дека договорот ќе биде „еден од најголемите договори што некогаш биле направени“.

Според Белата куќа, Трамп се согласи да ги остави царините на кинески производи вредни 200 милијарди долари со стапка од 10 отсто, и на 1 јануари да не ги зголемува на 25 отсто.

„Кина ќе се согласи да купи, се уште недоговорена, но значителна количина земјоделски, енергетски, индустриски и други производи од САД за да се намали трговската нерамнотежа меѓу двете земји“, рече портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top