Проблеми со градбата кај многу објекти дел од проектот „Скопје 2014“

Се уште нема решение за Државниот архив..

Додека директорот Кирил Петров и дел од министрите ги разгледуваат можностите, како опција во игра е и за изградба на нов објект кој би ги исполнувал потребните услови. Враќањето во стариот објект, кој се реновира за потребите на Обвинителството за оргаизиран криминал не е решение, вели министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

„Ситуацијата е многу комплицирана, проблемот е во тоа што во ниеден од објектите кој што фигурираа во јавноста како можни дури и враќање во старите простории на Архивот, не ги има идеалните услови. Во таа смисла и старата зграда на Архиот веќе претрпела одредени реконструкции за да служи на интерес на новата установа, така да и тука се нарушени услови кои биле таму претходно. Интензивно разговараме која од постојаните установи би ги задоволила таквите услови. Тие услови се многу сложени“, рече Роберт Алаѓозовски – министер за култура.

Комисијата составена од Владата, јавното обвинителство и матичната институција утврдија дека архивскиот материјал е безбеден и не е оштетен. Но, напоменуваат дека е потребна итна санација на покривот за да се спречи повторно поплавување. Но, освен Архивот, со неодамнешните дождови прокисна и покривот од зградата на Министерството за надворешни работи, а во овој објект кој исто така е дел од проектот Скопје 2014 забележани се многу пукнатини по ѕидовите.

Директорот на Службата за општи и заеднички работи , за емисијата 360 степени на Алсат, рече дека и за други објекти се констатирани пропусти во градбата, како во Државниот завод за ревизија и во Геолошкиот завод, но не откри поточно за кој од нив точно има интерес од органите на прогонот.

„Соработуваме секојдневно со МВР посебно со делот за организран криминал, со ОЈО, СЈО, Финансиската полиција. Не би сакал ништо да кажувам, бидејќи епак има неколку постопки кои ги тераат овие органи за да не го нарушам процесот на предистражна и истражна постапка јас не би кажувал ништо, но има интерес за дел од работите што се случувале претходно они прибираат документација“, рече Пеце Мирчевски – Служба за општи и заеднички работи при Влада.

Гаранцијата за новите објекти од „Скопје 2014-та“ била само 2 години од денот кога е издадена употребна дозвола. Конкретно за Архивот, гаранцијата е истечена, што значи трошоците за санација ќе чинат дополнително. Според истражувањето на БИРН, изградбата на објектот каде сега се наоѓа Државниот архив чинеше 42 милиони евра.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top