Проблеми во Париз, решение е Арсен Венгер!?

ПСЖ одлично ја стартуваше сезоната, имаат девет победи во исто толку мечеви во Лига 1, постигнуваат еден куп голови, а единствениот пораз сезонава го доживеаја на „Енфилд“ од Ливерпул во Лигата на шампионите..

Неодамна во елитното натпреварување ја совладаа Црвена Звезда со 6:1, а минатиот викенд со 5:0 го победија и еден од главните конкуренти за титулата во Франција, екипата на Лион.

Сепак, не е се така одлично во францускиот клуб, наведуваат тамошните медиуми.

Наводно Томас Тухел и спортскиот директор Антеро Енрике се во лоши односи, па Португалецот наскоро би можел да остане без работа.

Доколку тоа се случи, француските медиуми се убедени дека клубот од „Паркот на принцовите“ би можел да го ангажира Арсен Венгер.

Легендарниот тренер на Арсенал од ова лето е без работа, ги напушти „Топчиите“ по 22 години минати на клупата, но отворено истакна дека не планира да замине во пензија.

Тој и претходно се поврзуваше со „Светците“, но со тренерската позиција, која на крајот ја доби Тухел.

Сепак, медиумите во Франција веруваат дека Венгер би прифатил и поинаква улога во редовите на „Светците“. Тој во случај да си замине Енрике би добил понуда да стане еден од директорите во клубот.

Но, тој нема да биде класичен спортски директор, туку би имал и посилна позиција во хиерархијата на клубот, односно според овластувањата би бил веднаш зад претседателот Насер Ал Келаифи.

Венгер на тој начин тесно би соработувал со Тухел, а Германецот би имал поважна улога кога би станувало збор за трансферите отколку досега.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top