Промовирани новите реформски мерки, се чека на забелешки од опозицијата

Владата го промовираше Планот 18 кој е продолжување на Планот 3-6-9 за итните реформски мерки за приближување кон ЕУ..

Во фокусот на овие мерки се најдоа правосудниот систем, безбедносно-разузнавачките служби, јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупција.

На претставувањето пред новинарите премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за правда Рената Дескоска и министерот за администрација Дамјан Манчевски зборуваа за реформите од Планот 18 кој беше усвоен на владина седница минатата недела.

Премиерот Заев истакна дека крајната цел на реформите е подобрувањето на животот на граѓаните.Тој вели дека ЕУ будно следи како се спроведуваат реформите, но дека тие пред сè се прават за граѓаните.

„Сите мерки во посочените области треба да донесат нови вредности во нашиот систем, кои паралелно со политичкиот процес со кој се одвиваат, а кој се однесува на имплементирање на Договорот од Преспа и претстојните уставни измени, на крајот ќе донесат подобар живот тука во Македонија“, вели Заев.

Вицепремиерот Бујар Османи зборувајќи за механизмите за следење на имплементацијата на Планот, рече дека тоа ќе се прави преку индикаторите за реализација на конкретните мерки и нивна имплементација во секојдневното практикување на тие закони. Според него не е доволно законите само да се донесат, туку дека фокусот ќе биде ставен на имплемнтацијата. Во тој контекст Османи рече дека се уште се чека на забелешките од опозицијата.

Тој, исто така, објасни дека во планот се вметнати препораки од меѓународните организации, од експерти, но дека и покрај настојувањата од Владата, опозицијата се уште не се вклучила во проектот со свои забелешки. Тој рече дека лично имал средба со опозициската ВМРО-ДПМНЕ за овој план, но дека досега нема добиени писмени забелешки од опозицијата.

Министерката за правда, Рената Дескоска, се осврна на Уставниот закон со кој ќе се регулира стапувањето на сила на уставните амандмани за имплементација на Договорот од Преспа, но и за можните сценарија за Специјалното јавно обвинителство.

Според Дескоска, официјално се уште не е почнато да се работи на Уставниот закон, но, нагласувајќи дека тој сепак ќе биде готов до јануари и дека со него ќе се регулира од кој момент ќе стапат на сила одредени одредби од Договорот со Грција.

Што се однесува до Специјалното јавно обвинителство, Дескоска понуди две можни сценарија, или истото да стане дел од Основното јавно обвинителство или подетално да му се регулира статусот.

Таа исто така изјави дека во собраниска процедура е законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, со вклучените забелешки од меѓународните организации и експерти. Изборниот законик, пак, ќе биде пуштен во собраниска процедура откако ќе добијат одговор од опозицијата за изработената верзии, со што, според Дескоска, ќе се испочитува заложбата за нејзино вклучување во реформските процеси. Се подготвува и законот за судски совет.

Што се однесува до реформите во администрацијата, министерот за администрација, Дамјан Манчевски, истакна дека со нив се предвидува департизација на администрацијата, реорганизација на институциите што може да доведе до укинување на дел од нив, или пак, спојување со други па дури, доколку има потреба и да се формираат нови.

Вишокот работна сила ќе му биде понудена на приватниот сектор.

„Ниту еден од вработените нема да остане без работа, туку во случај на потреба ќе има доброволно распределување во приватниот сектор“, рече Манчевски.

Тој објасни дека најпрво ќе се прават анализи, а потоа ќе се види дали таквиот план ќе може да се реализира и под кои услови, но се надева дека сите би имале бенефит и работниците и државата и бизнис секторот, но може и да не дојде до тоа, вели Манчевски.

Во контекст на департизација на администрацијата Манчевски најави и нов закон за административна служба, при што ќе се знае што е политички ангажиран поединец, а што професионално. Тој најави и дека нема повеќе да има луѓе кои не одат на работа, а земаат плата.

Министерот Спасовски говорејќи за реформите на безбедносно-разузнавачките служби истакна дека реформите таму се во втората фаза, откако веќе се формира Оперативно-техничката агенција, која ќе биде медијатор во процесот на прислушувањето и работи како посебна Агенција, која е надвор од УБК.

„Не постои ниту теоретска, ниту практична можност за злоупотреба на ПИ мерките. Одговорно тврдам дека нема да ни се повторат бомбите“, рече Спасовски.

Во тој дел допрва следуваат реформата на УБК, формирана е меѓуресорска група. До 15 ноември на Владата треба да и биде понуден еден трите модели за тоа како ќе функционира Управата. Спасовски рече и дека треба да се зајакне водењето на финансиски истраги и конфискација на имот. Спасовски вети и враќање на угледот на полицијата и нејзина професионализација.

На средбата со новинарите стана збор и за новото собраниско тело за помирување за кое премиерот Заев уште еднаш ја нагласи важноста на овој процес. Тој во контекст на ова го даде како пример извинувањето на Муковски на првата средба со новата пратеничка група.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top