Пронајдени 25 тела на жртвите од пожарот на брод во Калифорнија

Нуркачите пронашле 25 тела од жртвите од несреќата предизвикана од пожар на брод, кој потона рано утрово, недалеку од островот Санта Круз во јужна Калифорнија..

Уште десет лица се водат за исчезнати, пренесе Ројтерс, повикувајќи се на американските медиуми.

Бродот „Концепшн“, долг 22 метри, наменет за нуркачки екскурзии, потона дваесетина метри од островот, додека пожарникари рано утрово, по локално време, се обидувале да го угаснат пожарот, во кој изгоре трупот на бродот.

Официјална потврда за 25 најдени тела се уште нема, а веста ја пренесоа американската мрежа Си-би-ес и агенцијата АП.

Се претпоставува дека во моментот на избувнување на огнот, триесетина патници спиеле на бродот и останале заробени од пожарот, додека членовите на екипажот се спасени.

На бродот биле вкупно 39 лица. Петмината членови на екипаж се спасиле скокајчи во морето, а ги извлекла едрилица која се нашла во близина, рекла Моника Рочестер, претставник на крајбрежната стража.

Спасувачката служба испрати бројни екипи, нуркачи и хеликоптери, кои го пребаруваат подрачјето каде изгоре бродот. Причината за пожарот се уште не е позната.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top