Протестите пред институциите се забрануваат заради безбедноста на функционери

Ова е атмосферата пред влада секој вторник и петок, кога протестираат работниците на Охис за своте плати..

Владата проблемот не им го реши, ама не само нив туку сите кои протестираат сака да ги реши од пред себе. Со идејата за измените на законот за јавни собири забранува да се протестира пред и близу до државни институции. И не само тоа, забрането е да има јавен собир после 23 часот навечер и пред 6 наутро.  Сега бројот за јавен собир го зголемува наместо над 20, мора да има над 50 присутни. Предлогот е на министерството за внатрешни работи. А се обидува да го оправда со тоа што ќе се гарантира непречено движење на граѓаните и да се избегнеле ситуации слични на 27 април 2017 каде ќе бидат повредени и функционери.

Досегашното искуство во применувањето на актуелниот Закон за јавните собири, за жал упатува на ситуации во кои при одредени собирања на граѓаните беа доведени во прашање националната безбедност, безбедноста на личности во седиштата на органите на државната власт, на Собранието, на Владата, безбедноста во објектите каде што престојуваат или работат, нивното движење до одредена детинација, нормалното – непреченото одвивање на сообраќајот-односно предизвикување сообраќаен колапс, а со тоа и нормалното функционирање на севкупниот живот на граѓаните, стои во извадокот од предлог закон за јавни собири.

За граѓанските организации ова е најгрубо кршење на правата на граѓаните.

Од МВР не одговорат од каде идејата за закон со кој се ограничува правото на протестирање и јавни собири, освен што велат дека се работело за усогласување со законот за прекршоци. 

Јавноста се сеќава на многу историски протести пред институции кои предизвикале некакви општествени промени. Во изминативе години на различни начини беше изразуван револтот од владеењето на претходната власт на ВМРО ДПМНЕ и Никола Груевски. Сегашната власт спорниот предлог го изготвила уште во септември а дури денес откако предизвика остри реакции најави дека ќе го повлече и ќе го доработува.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top