Путин денес слави роденден, илјадници луѓе протестираат против него

Најголемиот противник на Кремљ, Алексеј Навални, ги повика од затвор своите поддржувачи денес да излезат на демонстрации низ цела Русија, на денот кога Владимир Путин го слави својот 65 роденден и пет месеци пред претседателските избори..

Повеќе илјади поддржувачи на рускиот опозиционер протестираа во 80 градови низ Русија пред маршот закажан за вечерва на улиците на Санкт Петербург, родниот град на Путин. Според невладините организации на собирите биле уапсени десетици луѓе.

Во Москва протестираа над илјада луѓе, главно млади, собрани на Пушкиновиот плоштад во улицата Тверскаја во центарот на градот без оглед на забраната која ја издадоа властите. Тие скандираа „Среќен роденден“ и „Путин, срам на Русија“.

41-годишниот Навални води кампања за руските претседателски избори во март, а беше уапсен во петокот пред заминувањето на протестен собир во Нижњи Новгород.

Навални последен пат беше осуден на затворска казна во јуни, кога беше задржан 25 дена поради организирање собир кој властите го забранија, но наиде на голем одѕив од младите и заврши со апсење на стотина луѓе.

Иако тврди дека се кандидира за претстојните избори во 2018, политичката иднина на Алексеј Навални е неизвесна – централната изборна комисија во јуни го дисквалификуваше од претседателската трка поради тоа што е осуден за проневерување државни пари во февруари 2017.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top