Путин и Ердоган го предупредија Израел: „Никогаш нема да можете да ја измиете крвта од рацете“

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин на заедничка конференција за новинарите предупредија дека американското признавање на Ерусалим за престолнина на Израел може да предизвика ескалација на тензиите на Блискиот Исток.

„Русија и Турција веруваат дека таа одлука не помага во стабилизирањето на состојбата на Блискиот Исток, таа ја дестабилизира ионака сложената ситуација“, изјави Владимир Путин за време на средбата со својот турски колега во Анкара.

Ердоган оцени дека „Израел долева масло на огнот“. „Израел во тој процес гледа прилика за јакнење на притисокот и насилството врз Палестинците“, додаде турскиот лидер и истакна дека Путин и тој имаат сличен пристап на тоа прашање.

За време на кратката посета на Египет денес попладне Путин повика на неодложно продолжување на директните израелско-палестински преговори за сите спорни точки, вклучувајќи го и статусот на Ерусалим.

Ердоган повторно предупреди на израелските постапки кон Палестинците во Ерусалим и го обвини Израел дека светиот град го претворил во затвор и за муслиманите и за другите верници.

„Никогаш нема да можат да ја измијат крвта од рацете. Борбата нема да сопре сѐ до создавањето на независна палестинска држава во границите од 1967 и со Источен Ерусалим како престолнина“, кажа Ердоган.

Турскиот претседател додаде и дека самитот на лидерите на муслиманскиот свет во среда во Истанбул ќе биде пресврт во нивните потези по одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп еднострано да го признае Ерусалим за главен град на Израел.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top