Путин: Крим никогаш нема да ѝ се врати на Украина

Рускиот претседател Владимир Путин ја отфрли секоја можност за враќање на црноморскиот полуостров Крим на Украина, која Русија го приспои во март 2014 година..

Телевизијата Русија 1 емитуваше филм со должина од околу два часа посветен на Путин, кој се надева на четврти мандат на претседателските избори закажани за 18-ти март.

На прашањето дали Русија еден ден ќе биде принудена да го врати Крим на Украина, Путин отсечно му одговори на новинарот: „Што, да не си полудел? Такви околности не постојат и никогаш нема да постојат“.

„Сите се обидуваат да ѝ кажат на Русија каде ѝ е местото, но на Русија такво место не ѝ одговара“, рече рускиот претседател во документарниот филм „Путин“ за новинарот Андреј Кондрачов, кој го предводи неговиот предизборен тим.

Кондрачов во филмот го праша Путин дали рускиот претседател знае да прости. Тој кратко одговори „Да“ и додаде: „Освен предавство“.

Во филмот се појавуваат соработници и пријатели на Путин, како што е неговиот другар од детството, виолинистот Сергеј Ролдугин и поранешниот германски канцелар Герхард Шредер.

Путин, за кого според анкетите ќе гласаат околу 70 отсто од Русите, одби да учествува во телевизиските дебати, дури нема ниту предизборни митинзи. Имаше само еден собир за поддршка на 3 март кога Путин на поддржувачите им се обрати многу кратко, помалку од три минути.

Сепак, рускиот претседател е присутен во медиумите, кои речиси целосно го покриваат неговото движење, а телевизијата веќе емитува неколку документарни филмови за него.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top