Путин облече хазмат и посети болница во која се лекуваат заболени од Коронавирус

И додека некои лидери мака мачат да стават обична заштитна маска, рускиот претседател Владимир Путин денеска облече хазмат костум, стави респиратор (гас маска) и посети болница во Москва во која се третираат пациенти од коронавирусот..

Неговата посета следува откако градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин изјави дека епидемијата во руската престолнина е многу полоша отколку што тоа изгледа. Неговата е досега најотворената изјава која сугерира дека руските власти немаат целосен увид и контрола на ширењето на коронавирусот во земјата која по територија е најголема во светот.

Досега Русија има пријавено 495 случаи на Ковид-19 – бројка што е многу помала од многу европски земји. Досега има пријавено само еден починат – жена што била позитивна на вирусот.

Путин претходно рече дека ситуацијата е под контрола, но некои од докторите се сомневаат дали и колку официјалните податоци ја рефлектираат реалноста на терен – поента што ја истакна и Собјанин, кој важи за близок на Путин.

„Се одмотува сериозна ситуација“, му порачал Собјанин на Путин на денешната средба со членови на „борбената единица“ задолжена за справување со Ковид-19, на која присуствуваа и заменик-премиерката Татјана Голикова и министерот за здравство Михаил Мурашко.

На средбата Собјанин истакнал дека бројот на случаи е нејасен но дека брзо расте. Собјанин посочил и дека тестирањето за коронавирусот е на ниско ниво и дека многу луѓе во Москва се самоизолираат во своите станови или во домовите во селата и не се тестираат откако ќе се вратат од патувањата во странство.

„ … Во реалноста, бројот на заболени е значително поголем“, рече московскиот градоначалник.

Според „Russia Today“, токму на средбата Путин решил дека сака да ја посети болницата и им рекол на колегите: „Ајде да ја видиме ‘Комунарка’ “.

Во придружба на медицински персонал, Путин облече светло-жолт заштитен костум (познат како Hazmat), стави маска и влезе во одделот со повисок ризик каде што се лечат заразените со Ковид-19.

Путин ја искористи посетата за да ги пофали докторите за нивната работа, истакнувајќи дека е импресиониран од она што го видел.

Притоа, беше придружуван и од главниот доктор Денис Протсенко, кој исто така доби благодарност од рускиот претседател за добрата организација и за тоа што персоналот „знае што да прави, како да го направи и има сѐ што му е потребно и ефикасно може да ја користи опремата“.

Протсенко, пак, пред Путин истакна дека се можни две сценарија во Русија: азиското – каде епидемијата прилично брзо згасна, или италијанското – односно експлозија во бројот на случаи. За него, како доктор, најважно е да биде подготвен да се соочи со италијанско сценарио, истакна тој, додавајќи дека докторите би биле посреќни ако руската епидемија го следи патот на Кина и заврши во април или мај.

Инаку, во меѓувреме, двајца руски пратеници, вклучително и спикерот на долниот дом на парламентот – Вјачеслав Володин, денеска предложија легислатива со која прекршување на мерките за карантин ќе се казнува со затвор. Според предлогот, луѓето кои ќе избегаат или ќе го нарушат задолжителниот карантин можат да бидат казнети со и до 7 години затвор, ако нивната постапка доведе до смрт на двајца или повеќе луѓе, а со до 3 години затвор ако доведе до поширока зараза, пренесе руската агенција РИА. Според најавите, легислативата би можела да биде усвоена веќе следната недела.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top