Путин: Односите меѓу САД и Русија се сѐ полоши и полоши

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека односите меѓу Москва и Вашингтон се сѐ полоши и потсети дека сегашната американска администрација ѝ наметна десетици санкции на Русија..

Путин ова го кажа непосредно пред самитот Г20 во Јапонија кој ќе се одржи подоцна месецов, а на кој тој би можел да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.

Американско-руските односи се напнати поради цела низа прашања, од Сирија до Украина, и тврдењата за руското мешање во американската политика, што Москва го негира.

„Тие (односите) се влошуваат, сѐ полоши и полоши се“, кажа Путин за телевизијата Мир. „Сегашната администрација одобри неколку десетици одлуки за санкции против Русија во последните години“.

Меѓутоа, тој сепак изрази и надеж дека односите со Соединетите Држави ќе се подобрат и дека на крајот „ќе превладее здравиот разум“.

Путин верува дека сите земји од Г20, вклучувајќи ги Русија и САД, на самитот во Осака можат да донесат одлуки кои ќе бидат конструктивни и ќе ги создадат потребните стабилни услови за економска соработка.

За разлика од односите со Вашингтон, пак, тие со Кина цветаат, истакна рускиот претседател.

Продлабочувањето на стратегиското партнерство на Русија и Кина загрижува дел од американските политичари.

Трамп им кажа на новинарите вчера дека ќе се сретне со Путин на Г20 самитот во Јапонија, но Кремљ соопшти ден претходно дека идејата за средба „виси во воздух“ и дека сѐ уште немало разговори за деталите.

Американскиот претседател, исто вчера, кажа и дека американската администрација размислува за санкциите поради рускиот гасовод Северен тек 2.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top