Путин побара состанок на ОН за иранското прашање: Постои голем ризик од вистински конфликт

Владимир Путин повика денес да се организира состанок на врвот на петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН и Иран на кој ќе се разговара за иранското прашање, а францускиот претседател веднаш се огласи и рече дека е подготвен да учествува.

Информацијата доаѓа во време кога Советот за безбедност води остра дебата за американската резолуција за продолжување на меѓународното ембарго за продажба на оружје на Техеран, што е на сила до 18 октомври.

„Расправата за иранското прашање во Советот за безбедност на ОН станува сè понапната. Ситуацијата се влошува“, оцени Путин во соопштението, пренесе Кремљ, осудувајќи ги „неоснованите обвинувања против Иран“.

Тој ги критикуваше „нацрт-резолуциите што сакаат да ги уништат претходните едногласни одлуки на Советот за безбедност“.

Во овој поглед, Русија предлага „што поскоро да се организира виртуелна средба“ на претседателите на државите и владите на постојаните членки на Советот (Русија, Соединетите Држави, Франција, Велика Британија, Кина) и на германските и иранските лидери.

Во тој формат, познат како 5+1, се водени преговори со Иран и е потпишан договорот за иранската нуклеарна програма, од кој подоцна Вашингтон се повлече.

„Намерата е да се воспостават мерки за да се спречи конфликт и влошување на ситуацијата во Советот за безбедност на ОН“, рече рускиот претседател.

„Прашањето не може да се одложи“, рече Путин, предупредувајќи на „порастот на тензиите“ и на „високиот ризик од вистински конфликт“ во спротивен случај.

Францускиот претседател Емануел Макрон е подготвен да учествува на виртуелен состанок предложен од Путин, соопшти Елисејската палата.

„Ние во принцип ја потврдуваме можноста за учество“, се вели во соопштението.

Ембаргото за продажба на оружје на Техеран истекува на 18 октомври според одредбите на резолуцијата со која е одобрен меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма потпишана во јули 2015 година од Иран и петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН плус Германија.

Вашингтон, кој во мај 2018 година еднострано се повлече од договорот и на Иран му воведе остри санкции, сака да го продолжи ембаргото за продажба на конвенционално оружје на Техеран.

Кина и Русија, кои имаат право на вето во Советот за безбедност, се спротивставуваат на продолжувањето на ембаргото.

Минатата недела дипломати во Њујорк изјавија дека очекуваат Советот глатко да ја отфрли американската резолуција што може да предизвика долготраен спор што ќе остави последици на договорот за иранската нуклеарна програма.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top