Путин сака да сврти нова страница во односите со Велика Британија

Рускиот претседател Владимир Путин сака нов почеток во односите со Велика Британија по заминувањето на премиерката Тереза Меј, и повика да се „сврти страницата поврзана со шпиони" во односите со Лондон..

Велика Британија, која поминува низ политичка криза со премиерката која во петок поднесува оставка, одговори дека нови односи не се земаат во предвид се додека Русија не го промени своето однесување.

„Време е конечно да се сврти страницата поврзана со шпиони и атентати“, оцени Путин за време на состанокот со претставници на новинските агенции на маргините на Економскиот форум во Санкт Петербург.

„Не бевме ние тие кои шпионираа против вас. Ајде да заборавиме сè“, додаде Путин.

Путин рече дека новиот лидер на Велика Британија треба „да ги земе во предвид интересите“ на 600 британски фирми кои работат во Русија.

Сергеј Скрипаљ беше пронајден отруен на клупа во Салзбери на југот на Англија, во март 2018 година, заедно со неговата ќерка Јулија.

Британските власти ја обвинија руската разузнавачка служба дека се обидела да го отруе со нервен отров. Москва негираше каква било одговорност во аферата, која доведе до длабока дипломатска криза меѓу двете земји.

Скрипаљ и неговата ќерка се опоравија по долг престој во болница.

Портпаролот на Тереза Меј одговори дека „рускиот модел на однесување - агресија и дестабилизација – ги нарушуваат намерите за остварување одговорно меѓународно партнерство“.

Лондон сигурно ќе продолжи да разговара со Москва по прашањата за меѓународна безбедност, бидејќи тоа е во интерес на Велика Британија, истакна портпаролот, но, како што додаде „премиерката во бројни наврати истакна дека можеме да имаме поинаков однос само ако Русија го промени своето однесување“.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top