Путин: Седум капетани и два „херои на Русија“ се меѓу загинатите во пожарот на руската подморница

Во своето прво јавно обраќање за фаталниот инцидент на руската воена истражувачка подморница, рускиот претседател Владимир Путин кажа дека тоа е „огромна загуба“, додавајќи дека дцајца херои на Русија и седум високорангирани офицери загинале..

„Ова не е обична подморница, ова е истражувачка подморница“, кажа рускиот претседател по средбата со рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу на која тие разговараа за трагедијата.

Путин истакна дека екипажот го сочинувале „високо квалификувани професионалци“ и истакна дека смртта на 14-те морнари е „огромна загуба за Русија и нејзината флота“.

Тој кажа дека двајца од загинатите во пожарот на истражувачката подморница претходно ја добиле највисоката руска почесна титула – херој на Русија – додека седум од офицерите имале чин „капетан прва класа“.

Путин му нареди на Шојгу лично да отпатува во Североморск, каде пловилото во моментов се наоѓа, да ја надгледува истрагата и да му рапортира кога ќе се врати.

Во понеделникот истражувачка подморница на руската воена морнарица се запали за време на операција за истражување на морското дно на руските територијални води.

Британската агенција Ројтерс вчера јави, повикувајќи се на извори на руската војска, дека пожарот бил предизвикан од експлозија на гас. Руското министерство за одбрана веднаш ја отфрли информацијата како неточна, истакнувајќи дека причината за пожаро е сѐ уште непозната.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top