Работата е сериозна, Реал тргна по Нејмар, Бејл дел од пакетот

Токму кога во Барселона мислеа дека го скршија отпорот на ПСЖ се појави Реал..

Со веќе традиционалната намера да му ја отежни ситуацијата на најголемиот ривал. Веста која вчера срамежливо ја пласираше американски „ЕСПН“ денеска доби потврда и во Бразил. „ГлобоЕспорте“, еден од највлијателните медиуми во Јужна Америка, тврди дека Реал навистина ги започнал преговорите околу доведувањето на Нејмар на „Сантијаго Бернабеу“.

Додуша, се е во почетна фаза, но првите разговори се одржани во Париз и за следните денови се закажани нови. Во Мадрид извисија за Пол Погба, а публиката на Реал е разгалена и на неа постојано мора да и се угодува. Оттаму и Нејмар во приказната, бидејќи по разочарувачката сезона и претседателот Флорентино Перез мора да размислува за имиџот.

Преговорите на Барселона со ПСЖ предолго траат. Газдата на ПСЖ Насер Ал Келаифи ги мрази Каталонците уште откако со оние 6:1 ги исфрлија од Лигата на шампионите. Со години веќе меѓу овие два клуба владее голема нетрпеливост оличена во константни војни околу играчите. И токму кога Каталонците помислија дека ќе му вратат на ПСЖ за тоа што им го зема Нејмар – компликација.

Се уште се е далеку од реализација, бидејќи прво треба да се види дали ПСЖ би ја разгледал понудата на Реал покрај пари да ги даде Герет Бејл и Кејлор Навас. Двајцата се вишок на „Сантијаго Бернабеу“.

Каталонски „Спорт“ вчера пишуваше дека Реал е подготвен да понуди 120 милиони евра и Лука Модриќ, но на каталонските медиуми баш и не може да им се верува кога станува збор за „Кралскиот клуб“. Но, јасно е дека до потписот на Нејмар може да дојдат само ако во спротивна насока замине некој важен играч.

По истиот принцип и Барса сакаше да ја спушти цената, но договор немаше, иако „ГлобоЕспорте“ тврди дека ПСЖ не бил изречиво против тоа. Напротив, направиле листа од седум или осум играчи на Барса за кои е заинтересиран. Меѓутоа, на „Камп Ноу“ преовладувало мислењето дека ПСЖ сака да ја искористи подобрата преговарачка позиција и да ја спушти вредноста на играчите на Барса. Затоа се уште и нема договор. Ниту е на повидок. Не помага ни тоа што во преодниот рок во Премиер лигата денеска завршува и ако до 18 часот Барса не го продаде Кутињо тешко дека ќе има пари за вака голем трансфер.

А Флорентино Перез е опасен преговарач и Барса сега има од што да се плаши.

Само прашање е дали Нејмар сака во Мадрид? „ГлобоЕспорте“, повикувајќи се на извори од опкружувањето на играчот, тврди дека Бразилецот повеќе сака да оди во Барселона, но нема ништо против Реал. Само да си оди од Париз.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top