Ракометната репрезентација на мегдан против Словенија

Словенците нема да бидат дел од континенталниот шампионат во Данска.

Ракометната репрезентација на Македонија ќе го одигра првиот подготвителен натпревар, во пресрет на ЕП во Данска. Противник на “црвено-жолтите”, кои беа на подготовки во Пореч, ќе биде селекцијата на Словенија.

Словенците нема да бидат дел од континенталниот шампионат во Данска, но за нивниот квалитет говори четвортото место, освоено на последното Светско првенство.

Селекторот Обрван се соочи со голем број на проблеми пред почетокот на ЕП. По повредата на Наумче Мојсовски, и недобивањето на дозвола за настап на Ренато Вугринец, следуваше и повредата на ракометарот на Вардар, Филип Лазаров. Вчера, на селекцијата и се придружи и Борко Ристовски, кој ќе биде во комбинација за настап на денешниот натпревар.

Ова ќе биде првиот од трите контролни натпревари, кои македонската селекција треба да ги одигра до почетокот на шампионатот во Данска. Преостанатите два се закажани во периодот од 3-ти до 5-ти јануари, кога на турнирот во Скопје ќе учествуваат и репрезентациите на Србија, и на Црна Гора.

На ЕП во Данска, кое ќе се започне на 12-ти јануари, Македонија ќе биде дел од групата “А”, заедно со репрезентациите на Данска, Чешка и Австрија.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top