Рама и Харадинај потпишаа 12 договори за соработка по заедничката седница на владите на Албанија и Косово

Денеска во Корча се одржа четвртата заедничка седница на владите на Албанија и Косово во рамки на одбележувањето на 28 Ноември – Денот на независноста на Албанија и Денот на албанското знаме..

Еди Рама и Рамуш Харадинај потпишаа 12 договори, од кои четири се од сферата на безбедноста, а останатите за соработка во енергетиката, дијаспората, животната средина, културата и странските инвестиции.

Двајцата премиери се заложија за унапредување на економската соработка и за олеснување на царинските активности меѓу државите.

Рама потенцираше дека главна цел е отстранување на царинските бариери меѓу Албанија и Косово и дека наскоро ќе овозможат отворање на оперативна канцеларија на Косово во Драч, како и на нови гранични премини.

– Во Косово се отворени 920 бизниси на албански инвеститори, а има и косовски во Албанија. Трговската размена меѓу двете земји е зголемена за петпати. Оваа бројка споредена со нашите амбиции е скромна. Минатата година беше успешна година, кога трговската размена достигна над 200 милиони евра, изјави Рама.

Харадинај побара Албанија да продолжи да го поддржува Косово во активностите во меѓународните институции.

– Наша цел е Косово да се интегрира и да ги продолжи преговорите со Србија. Но, признавањето на Косово од страна на Србија е неопходно, посочи Харадинај.

Активностите на албанската и косовската влада продолжуваат утре во Валона.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top