Рама: Косово и Албанија да имаат заеднички претседател

Албанскиот премиер Еди Рама предложи Албанија и Косово да имаат заеднички претседател. Рама ова го предложи обраќајќи се во парламентот на Косово на свечената седница по повод десеттата годишнина од независноста на Косово..

Меѓутоа, според приштинските медиуми, Рама беше внимателен потсетувајќи дека е малку веројатно оваа идеја да се реализира во скоро време.

„Косово и Албанија треба да имаат заедничка надворешна политика, а не само заеднички амбасади и дипломатски мисии, зошто не и еден претседател како симбол на националното единство и националната безбедносна политика“, кажа Рама обраќајќи им се на косовските пратеници. Тој призна дека е малку веројатно тоа да се реализира во скоро време. „Можеби оваа идеја не е вистинска на национално ниво, но историјата ни порачува дека остварувањето на сонот не е невозможно“, кажа Рама.

Албанскиот премиер кажа дека пред една деценија Косово го оствари големото тежнеење со тоа што стана „најновата држава на картата на светот“ и дека денес има „повеќе од 115 признавања“, како и дека постигнало значителен успех во јакнењето на институциите и демократската држава.

„Мислам дека сите го имавте истото мислење дека прославата на независноста на Косово беше повеќе утопија отколку можен проект. Да го ставиме на страна тоа дека премиерот на Албанија се обраќа во собранието на Косово за десеттата годишнина од независноста, што не беше можно да се замисли ни како фантазија, но сето тоа се случи“, кажа Рама.

Тој истакна дека Косово и Албанија се „две реалности кои се административно одвоени, но кои живеат во меѓусебна природна, економска, политичка и институционална интеракција во функција на несопирливото приближување со идна национална програма“.

Неговата изјава за заеднички претседател на предизвика реакции од политичките партии на Косово. Најголемата косовска партија – Демократската лига на Косово, е против таа идеја.

Шефот на пратеничката група на оваа партија, Авдулах Хоти, кажа дека Рама со таа изјава го омаловажи Косово. „Предлогот на Еди Рама за национален претседател е знак на непочитување кон тежнеењата на Косовците да остварат независна држава, интегрирана во ЕУ и НАТО“, напиша Хоти на Фејсбук.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top