Рамуш Харадинај е можен кандидат за претседател на Косово

Лидерот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, може да биде кандидат за претседател на Косово, објавено е по состанокот на партискиот совет одржан во Приштина..

Потпретседателот на партијата, Ардијан Џини изјави дека има иницијативи да се направи Харадинај претседателски кандидат.

Според него, нови околности се можни кога станува збор за избор на претседател, дури и ако не се потврди обвинението против сегашниот претседател Хашим Тачи, пренесува Радио Слободна Европа.

„Сите се надеваме дека обвинението нема да биде потврдено, но сепак треба да влеземе во процес на избор на претседател за четири или пет месеци“, рече Џини.

Харадинај на својот Фејсбук профил потврди дека може да биде кандидат за претседател.

„Верувам дека ќе бидам кандидат за претседател, доколку се разговара врз основа на уставот, сметам дека е голема одговорност и тоа е посебен дел од мене“, напиша Харадинај.

Партнерите во владејачката коалиција на Косово, Алијансата за иднината на Косово и Демократската алијанса на Косово, не се согласија за позицијата претседател, откако мандатот на Тачи истекува на пролет 2021 година.

Специјалното обвинителство објави дека на крајот на јуни е доставено обвинението за воени злосторства и злосторства против човештвото против косовскиот претседател Хашим Тачи, лидерот на Демократската партија на Косово Кадри Весељи и некои други поранешни припадници на ОВК, чии имиња не се објавени.

Тачи изјави дека, доколку се потврди обвинението против него, тој ќе си даде оставка од позицијата претседател.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top