Разговор со претседателот на охридското социјално друштво „Св. Наум Охридски“ од Мелбурн: Нашинците се загрижени за случувањата тука

Интервју на Васко Ангеловски за OhridNews..

ON: Колку време и како функционира охридското социјално друштво „Св. Наум Охридски“ во Мелбурн, Австралија?

Васко Ангеловски: Охридското социјално друштво „Св. Наум Охридски“ во Мелбурн постои веќе 36 години. Од самото формирање друштвото имало свое мото да помага на Охрид и Македонија, кое силно се почитува до ден денес.

ON: Негувате силни врски со Охрид. Секоја година реализирате акции за помош на установи и луѓе во градот. Што направивте оваа година?

Васко Ангеловски: Се обидуваме да помогнеме колку што можеме. Оваа година охридското социјално друштво ја опреми собата за одмор во Противпожарната служба во Охрид, од кревети, до душеци, ќебиња, перници… да можат пожарникарите кои ги чуваат домовите на охриѓани во слободното време удобно да се одморат.

ON: Охридското социјално друштво знае да ја сплоти македонската заедница во Австралија. Познати сте по организацијата на хуманитарни концерти, балови, настани преку кои ги негувате македонската традиција, музика, култура…

Васко Ангеловски: Покрај  хуманата мисија, главно мото на делување на охридското соцојално друштво е  да ја сплотува македонската заедница во Австралија, во што и успеваме. Секогаш кога има потреба за помош во нашата Македонија и Охрид, не помагаат само охриѓани, туку и нашинците од Битола, Прилеп, Ресен и другите градови. Кога се знае каде и за кого одат тие средства никој не жали да помогне онолку колку што може. Има луѓе што донираат и поголеми суми. Ние немаме како друштво милиони, но благодарение на поддршката на нашинците без разлика од кои краеви на Македонија се, успеваме да собереме средства секогаш кога тоа е потребно. Има нашинци од егејскиот дел на Македонија со бизниси кои редовно помагаат. Ние како друштво сме само посредници помеѓу нашинците тука и во Австралија. Преку концертите и другите настани кои ги организираме ја негуваме нашата народна песна, секако и културата и традицијата. А за познатиот охридски бал не треба и да се зборува. На сите им е чест од нашинците во Австралија да дојдат на балот кој го организираме за летен Св. Наум.

ON: Каков углед ужива охридското социјално друштво во австралиската заедница?

Васко Ангеловски: Како друштво имаме голем углед во Австралија. Имаме редовни средби со претседателот на Австралија, федерални пратеници и други политичари, чии врати секогаш ни се отворени.

ON: Правите многу за Охрид и охриѓани, за Македонија воопшто. Тоа заедницата го цени. Дали тоа го препознаваат и институциите, каква е соработката со нив?

Васко Ангеловски: За жал не. Ние како друштво во кое членуваат голем број нашинци од овој крај без разлика кој е на власт тука и кој е градоначалник го поздравуваме и му испраќаме честитка со желби за успех и соработка. За жал никој не вратил на време. Веројатно тоа многу зборува.

ON: Какви се идните планови на охридското социјално друштво, дали младите ги следат вашите чекори?

Васко Ангеловски: Ние секоја година реализираме нови проекти. Така ќе биде и во 2019 година, кога планираме организација на настан кој за прв пат ќе се одржи на тој дел од земјината топка. Младите се дел од нашата организација. Нови луѓе влегуваат во управниот одбор и придонесуваат за работата на друштвото.

ON: Како нашата заедница гледа на случувањата во Македонија?

Васко Ангеловски: Нашата заедница во Австралија, по мое видување, е доста огорчена од актуелните случувања во нашата Македонија. Секој еден Македонец кој живее надвор посакува веќе еднаш двете наши најголеми политички партии да се сплотат во интерес на македонскиот народ и држава. Ова парче земја не е од вчера, опстојува со векови, и сега така да ни замине е греота.

Извор: OhridNews


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top