Реакции во Грција по ратификацијата на Договорот

Договорот за името ќе стапи на сила дури откако Скопје ќе ги заврши уставните измени – порача грчкиот заменик-министер за надворешни работи, Јанис Аманатидис, според кого, со договорот за името завршува и македонскиот иредентизам..

„По ратификувањето на договорот следува писмото на нашата земја до НАТО и Европскиот совет, па позитивен резултат на референдумот и уставни измени со временски рамка во декември. Доколку ова не се стори, договорот не е валиден“, изјави Јанис Аманатидис, заменик/министер за надворешни работи на Грција .

Портпаролот на грчката влада, Димитрис Цанакопулос ја обвини опозицијата во двете земји за неодговорност.

„Нова демократија и ВМРО не само што ја игнорираат историската одговорност за бесконечноста на проблемот, туку и денеска, под хегемонија на групите на сопствената екстремна десница, се обидуваат повторно да играат на нивната последна карта. Картата на поделба. Поделба меѓу патриоти и наводни предавници“, рече Димитрис Цанакопулос, портпарол на грчката влада

Портпаролката на „Нова демократија“, изјави дека договорот е лош повторувајќи дека нејзината партија нема да ја поддржи спогодбата.

„Владата направи нешто што никој порано не го направил, прифати договор штоја признава македонската националност и јазик. Нова демократија нема да го ратификува договорот што Владата на Сириза ќе го поднесе во Собранието“, истакна Марија Спираки, „Нова демократија“.

За лидерот на опозициската „Потами“, Ставрос Теодоракис, договорот е корисен.

„Договорот има недостатоци, но е корисен договор. Треба да ги затвориме малите фронтови на исток. Турците ги модернизираат аеродромите во Скопје и Охрид. Ова е бизнис договор. Но има и воена цел; да добијат воздушна база северно од нас. Ова е нивна стара аспирација. Дали ќе им го дозволиме тоа“, рече Ставрос Теодоракис, „Потами“.

Партијата во владината коалиција, Независни Грци која е против договорот, ја остава отворена можноста да излезе од владата по ратификувањето на договорот со грчкото Собрание.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top